На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…
Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:
1. „Стисни за поддршка“ – акција за подигнување на свесноста за рекреативното користење на канабис
Со срамежливи насмевки за поддршка, но и по некое стискање на црвеното копче, случајните минувачи во центарот на Скопје ја проследија креативната акција „Стисни за поддршка“ организирана од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Преку креативната акција беше побарано подигнување на свесноста на јавноста и надлежните институции во однос на третманот од страна на полицијата и државата кон луѓето кои рекреативно употребуваат канабис.
Неда Петковска од ХОПС за Радио МОФ изјави дека акцијата се однесува на третманот кој што го добиваат луѓето кои користат дроги од страна на институциите, пред сѐ од полицијата, Јавното обинителство и судовите.
„Стисни за поддршка“ – акција за подигнување на свесноста за рекреативното користење на канабис
2. Студентите од приватните универзитети сè уште плаќаат за јавен превоз, МОН никако не одговара на нивното барање
Од Министерството за образование и наука не одговараат на прашањето дали некогаш ќе се обезбедат средства за студентите од приватните универзитети во Скопје да патуваат бесплатно со јавниот превоз како нивните колеги од државните факултети.
Кога пишувавме за оваа тема минатата година, од Град Скопје под чија капа е Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, ни кажаа дека МОН пред да ги префрли дотациите на Градот, треба да ги пренамени за користење за студентите од приватните високообразовни установи.
Оттогаш во неколку наврати испративме прашања до Министерството, но и по шест месеци одговори не добивме.
За ситуацијата гласна е претседателката на студентското собрание при Американскиот универзитет на Европа – ФОН, Мила Петрушевска која исто така со месеци не добива одговори за тоа што ќе биде со студентите за кои измина уште една академска година без правото на бесплатен градски превоз.
3. „Денсерс јунајтед“: Покрај медалите во Полска, покажавме единство и другарство
Со повеќе награди од првенството во Варшава се вратија танчерите од танцовото и фитнес студио „Денсерс Јунајтед“.
Се работи за светско првенство на федерацијата WAFD (World artistic dance federation) во категории соло и дуо, но и европско првенство во групи и формации, каде македонското инклузивно студио се претставуваше со 38 танчери.
„Секој танчер играше во просек по 4-5 пати. Воедно, со нас патуваше и групата со лица со попреченост, кои освоија две први места. Односно, прво место во инклузивна група и прво место во формација. Исто така, детската група ни е европски првак и младинската група, тоа се деца над 16-17 години“, вели Сара Кочан од „Денсерс Јунајтерд“ во разговор со Радио МОФ.
„Денсерс јунајтед“: Покрај медалите во Полска, покажавме единство и другарство
4. „Немиот келнер“: Политички ангажираната уметност зборува преку секојдневните човечки односи
Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува.
Вака гласи описот за претставата „Немиот Келнер“, досега имаше три изведби во Младинскиот културен центар (МКЦ). Александар Ивановски, младиот режисер на кому ова му е прва поставена претстава надвор од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), вели дека текстот на Харолд Пинтер е релевантен и денес, затоа што моќта, насилството и злоупотребата се универзални теми.
„Немиот келнер“: Политички ангажираната уметност зборува преку секојдневните човечки односи
5. [Фото] Пресушија „градските дрвја“, еколозите тврдат дека и онака не функционираат
Поминати се седум години откако во центарот на Скопје и Тетово беа поставени „Градски дрвја“ односно инсталациите „City tree“.
Во 2016 инсталациите беа свечено најавени како комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон, а имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно.
„Градските дрвја“ беа донација кон Град Скопје и Општина Тетово од страна на Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“ од каде пак ги набавиле со поддршка од македонски и интернационални компании.
[Фото] Пресушија „градските дрвја“, еколозите тврдат дека и онака не функционираат
БОНУС:
#РаскажиМи: „Писмо до најдобриот пријател“ од Теодора Крстевска
Овој пат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Писмо до најдобриот пријател“ од Теодора Крстевска, извадок од „Мартирите и аждерите во Русија.
#РаскажиМи: „Писмо до најдобриот пријател“ од Теодора Крстевска
#НизТвојотОбјектив – Циклус фотографии од Гаја Смилевска
Во рубриката #НизТвојотОбјектив ѕиркаме во фото-албумот на Гаја Смилевска.
„Како илустратор, фотографијата не ми е примарен модул за изразување, така да фотографирањето го користам за опфаќање моменти кои не би можела да ги дофатам преку цртеж. Прво приметувам боја, што не е најпрактичен начин на планирање фотографија, но самите фотографии ретко се планирани. Тоа ми се допаѓа, времето и планирањето кое ми треба за да изработам успешна илустрација можам да го занемарам кај фотографирањето и да се фокусирам на субјективното доживување на моментот“, вели таа.
#ПетАлбумиЗаПоДома на Анте Гулин
Во рубриката #ПетАлбумиЗаПоДома го имаме Анте Гулин. Тој за себе вели дека е човек израснат со музиките од Вудсток, британски поп-рок, психоделичен рок, хеви-метал и метал. Во животот преслушувал музика од секакви жанрови, од фолк до транс. Свири повеќе инструменти, нај при срце му се бас гитара и бубањ. Има свирено во повеќе оркестри за класична музика и бендови меѓу кои „Furion“ и „June“, а дел е и од „Audiobahn“ кој ја поддржува електронската музичка сцена. Сака да „копа“ музика, да открива, реоткрива и анализира музика. Секако, сака и да свири и твори музика, само што сега нема инструменти и мора само да слуша и да „стрепа“.