Минатата недела Владата го донесе протоколот за иселување на студентите од студентските домови, откако претходно беше најавено дека домовите нема да бидат отворени до крајот на тековната академска година.
Според протоколот, иселувањето на студентите ќе трае од 11 јуни, кога е донесен протоколот, па се до 3 јули. Студентите ќе може да се иселат секој работен ден, во периодот од 8 до 16 часот. Претходно ќе треба да бидат исконтактирани, и д го одложат иселувањето доколу имаат симптоми на настинка, како повишена температура или кашлање.
На влезот на домот треба да ги чека средство за дезинфекција на чевлите и рацете, а доколку внесуваат и торби, ќе треба и нив да ги дезинфицираат. Исто така, на самиот влез треба да се постават едукативни материјали за заштита на студентите од инфекција со Ковид 19, и да се стави одбележување за држење растојание од 2 метри. Секој студент и вработен во домот, задолжително треба да носи маска и ракавици.
За да се внимава на одржување на физичката дистанца од 2 метри, домот треба да организира редарска служба составена од вработените. Иселувањето треба да се одвива така што студентите во парните и непарните броеви на соби ке се иселуваат во различни денови. Доколку е потребно, иселувањето може да се врши на различни спратови, наизменично. Во собите во кои се сместени две или повеќе лица, ќе може да се исели само еден студент од собата во еден ден. Времетраењето на иселувањето за секој студент поединечно е ограничено на најмногу 3 часа. Студентот при влез во собата и напуштањето ќе биде придружуван од претставник на редарската служба.
Во заедничките простории на студентските домови мора да има корпа за отпадоци со капак. Користење на лифтовите во студентските домови е дозволено за само едно лице. Во протоколот стои и дека по секое користење на лифтот треба да се врши задолжителна комплетна дезинфекција со соодветно средство.
Придружбата на студентот нема да може да влезе во домот, туку ќе чека на излезот, со запазување на задолжителното растојание од 2 метри.
Во населбите со повеќе објекти (Гоце Делчев и Стив Наумов) влезот на студентите треба да се организира од
посебни влезови, физички одвоени, за да нема контакт помеѓу студентите. Во студентските домови во кои има два влеза/излеза, треба да се организираат влез од едната и излез од другата страна.
По завршување на иселувањето, протоколот пропишува да се спроведе чистење и дезинфекција на собите и заедничките простории во секој дом со средство кое делува на вируси.
Студентските домови беа затворени на почетокот на месец март, откако беа затворени за настава и универзитетите, поради појавата на новиот коронавирус. Иако првичното затворање беше најавено на две седмици, сепак, бројката на новозаразени расте, па надлежните одлучија дека домовите воопшто нема да бидат отворени оваа академска година.