Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Имам 24 години и се чувствувам како да не знам што понатаму во животот. Се борам со анксиозност (некој вид на психосоматски напади, не знам како да го именувам) веќе подолг период. Завршив факултет и сега сум дома. Во моментов работам од дома, не по струка, меѓутоа online freelance. Се трудам времето да го исполнувам со вежбање, читање книги, серија, меѓутоа во секој период од денот осеќам некоја потешкотија, не се чувствувам убаво, не се чувствувам како работите што ги правам да имаат цел. Стојам на некоја раскрсница и не знам каде да продолжам, не се чувствувам како работите што ги правам да се доволни, не се осеќам како работата да ме исполнува, времето кое го поминувам со пријателите го осеќам како терет, немам партнер и се чувствувам како да работите нема да се сменат.
Kако да ги прифатам работите што не зависат од мене, како да се убедам себе дека сум доволна и дека тоа што го правам вреди и се ќе си дојде само по себе, дека едноставно за се треба време и желба за да се оствари? Знам дека сите работи зависат од мене и јас сум единствената која може да ги исконтролира работите и да смени доколку сум во можност, меѓутоа во моментов не знам од каде да тргнам, што прво да направам.
Одговара: Ваљдете Адили Селими
Здраво,
мило ми е што се обративте на нашата страница. Го читав вашето прашање и го осетив вашиот грч и немоќ да се опуштите и да бидете во тука и сега, задоволни со себе како некој кој успешно завршил еден важен пероид од животот како што е факултетот. Исто така тоа што читам е како седењето дома сте го израмниле со ништо, како одморот да не вреди колку учењето, работењето или некоја друга активност. Ова можеби доаѓа од тоа што и сами го спомнавте, некоја несигурност врзана за финансиите која ве следи подолго време, која можеби ви прави притисок и чувство дека губите време дома без да имате работа или сериозна врска. Тука сакам да ви го свртам малку вниманието и да го донесам моментот на неопходноста на славењето и уживањето после завршување на некое искуство, момент кој е исто толку битен како и секоја друга фаза на тоа искуство. Затоа, ве подржувам да го истоварите малку тој товар од вашиот грб, да дишете и да останете малку во таа празнина која се појавува после завршување на некој циклус. Тоа е едно такво место на неизвесност, но и на верба, каде што и изненадувањето е многу возможно.
Сите ние, кој покасно, кој порано, доаѓаме во еден таков период на нашиот живот каде што нема јасни одговори и насоки како и каде да се движиме. Во тие моменти ни треба доста сила да останеме на тоа место на неизвесност и наместо да го гледаме како загрозувачка ситуација, да ја видиме како уникатен креативен простор кој може да не води кон личен развој. Би ве поддржала да останете малку со таа анксихозност и да видите кои се тие потреби кои не ви се подржани да се реализираат и таа енергија лебди во вашето тело без да добие дозвола да се артикулира. Сето тоа што е во вас бара да биде видено и испочитувано, и самото прифаќање на тие потреби делува доста ослободувачки.
Грижата за вашето здравје е добра подршка која што ја давате себеси, реалните здравствени проблеми е добро што ги следите и ги држите под контрола, додека другите стравови поврзани со вашето здравје добро е да ги проверите од каде ви доаѓаат, и дали можеби се некој вид на дистракција од вашата тешкотија да на превземете одговорност и да направите некои избори.
Вие имате апсолутно право на автентичност на вашиот живот, начин на кои креирате интимни релации, начин на користење на вашето време кое не мора да личи со ничиј друг живот или релација. Сигурно дека ќе земете време колку што ви треба да бидете спремни да превземате таков ризик како што е љубовта, ризик без кој едноставно животот не може да тече.
Ваљдете Адили Селими е училиштен психолог, лиценциран гешталт психотерапевт, член на EAGT и EAP, магистер по психологија, областа на креативност и гешталт терапевт на парови. Адили Селими работи како училиштен психолог во средно образование, каде што активно работи на зајакнување на капацитетите на младите преку нивно вклучување во различни програми и креативни работилници. Работи како тренер-психотерапевт на базична група во рамките на Гешталт Институт Скопје, има своја психотераписка пракса каде што претежно работи со млади и возрасни, жртви на агресија и семејно насилство на теми како: траума, процес на раздвојување, загуба и тага, партнерски односи, депресија, криза на идентитет, личен раст и развој. Исто така таа е долгогодишен волонтер во Црвен Крст Кичево, дисеминатор и инструктор на националната програмата Црвен Крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности и љубител на поезија.