Пишува: Иван Петрушевски, основач на Mkhost.com.mk, компанија за хостинг, регистрација на домени и веб-девелопмент, во анализа за IT.com.mk.
Наспроти очекувањата за електронско регистрирање на домени, либерализација на .мк доменот во моментов само значи отварање на повеќе „пунктови“ на компании – соработници на македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, каде корисниците наместо да одат само во регистарот во Скопје, ќе можат штампаните барања и документи, потребни да се регистрира .мк домен, да ги доставуваат до новите пунктови по нивен избор по цена дефинирана од компанијата соработник на Марнет.
Што изјави ИТ министерот во врска со либерализација на .мк доменот?
Пред неколку месеци, министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски објасни дека со либерализацијата сите граѓани ќе можат да регистрираат „уште една услуга по електронски пат, без посета на шалтери, пополнување формулари и нивно испраќање до МАРнет, како и да почнат свој бизнис многу побргу од постоечките процедури“.
„Еден од проектите што ги вети Владата е електронско регистрирање домени и поддомени на мк, со цел да се овозможи од кое било место да може електронски да се достават, да се плати електронски и нивниот домен електронски да биде регистриран во кој било период од денот“, изјави министерот Ивановски. „Ќе имаат период од еден месец технички да ги подготват своите системи за да можат од 1 октомври сите институции, организации и компании од приватниот сектор што ќе искажат интерс да се поврзат со овој систем и да ги препродаваат на некој начин домените во име на МАРнет да може да почнат да функционираат“.
Она што го изјавил министерот јасно вели дека сите граѓани ќе можат да регистрираат .мк домен по електронски пат, без посета на шалтери (новите пуннктови што погоре ги споменав), без пополнување на формулари. Тој исто вели дека со овој проект на либерализацијата на .мк доменот ќе може од било кое место електронски да се плати и регистрира .мк домен во било кое време од денот. Сето ова е одлично, овој начин на регистрација на .мк домени би ги направил крајните корисници најсреќни, но новиот правилник кој Марнет го донесе не го вели истото. Според член 16 од правилникот на МАРнет се вели:
Новиот правилник на Марнет вели дека корисникот ќе мора да пополни барање, да стави потпис на него и да се достави до МАРнет или до новите „пунктови“ – фирми соработници со кои МАРнет ќе направи договор. Единствено, работата електронски ќе може да се заврши доколку корисникот поседува електронски потпис. Исто така, физичките лица кои ќе вршат регистрација на домени ќе мораат лично да ги носат документите до фирмите соработници кои ќе можат да регистрираат домени или во МАРнет. Корисниците кои лично ќе ги носат документите ќе мора и да се идентификуваат преку документ за лична идентификација (лична карта, пасош и слично).
Како беше досега?
За оние кои не се информирани за ситуацијата која беше активна до сега (и која сè уште е активна – до моментот на потпишување на првата партнер фирма на МАРнет) за тоа како се одвиваше процесот за регистрација на еден .мк домен, ќе дадеме кратко објаснување. За регистрација на .мк домен беа потребни ( и сеуште ќе бидат потребни ) документите:
- Барање за регистрација пополнето во електронска форма и испечатено.
- Правни лица: копија од тековна состојба од Централен регистар.
- Физички лица: документите се доставуваат лично.
- Копија од уплатница.
- И сите документи се доставуваа лично само во Марнет – Скопје.
Втор начин, за оние кои не сакаа да одат низ оваа процедура со документи, беше да најдат фирма која ќе посредува меѓу МАРнет и нив (крајните корисници на доменот). Како на пример нашата хостинг компанија – МКхост која регистрираше домени по барање на крајните наши корисници, се со цел тие да ги избегнат процедурите со МАРнет. Повеќето хостинг компании и други посреднички фирми го правеа истото и регистрираа домени за крајните корисници, затоа што беа запознаени во целата оваа процедура и затоа што за нив беше јасен и познат целиот концепт и имаа повеќе регистрации во одреден период.
Периодот за регистрација на доменот со текот на годините се забрза, благодарејќи на новиот тим на МАРнет и ажурноста која ја воведоа, но сепак, регистрација за време на викенд и во доцните временски часови не беше можна и нема да биде можна и со новата либерализација. Единствено, со новата либерализација, ова би било возможно доколку некоја од партнер фирмите на МАРнет отвори свој пункт кој би бил достапен физички 24/7/365 каде корисниците кои сакаат да купат домен ќе го посетат лично со спремната документација.
Што ново воведе МАРнет?
МАРнет направи либерализација на .мк доменот, со што овозможи на компании да се пријават и да вршат регистрација на .мк домени. Ова значи дека било која компанија може да се пријави и да врши регистрација на .мк домени, односно да добие статус на „регистрар“. Секако, претходно треба да исполнува одредени барања, да креира сопствен систем каде ќе се чуваат сите податоци за корисниците и да се прилагоди на тестирањата на новиот систем за регистрација на домени. Новата компанија која ќе добие статус регистрар од страна на МАРнет, ќе ја врши истата функција која ја вршеше до сега МАРнет, односно ќе прима барања од корисници за регистрација на домени, ќе дава поддршка на корисниците кои закупиле домен од кај нив, ќе ги известува корисниците за истек на домените, ќе води евиденција за плаќање, евиденција за секој вид на промени во досието на доменот и сите останати услуги кои МАРнет ги вршеше до сега.
Целиот текст прочитајте го на IT.com.mk.