ШтоТиТежи: Неизвесноста што ќе правам после средно ми создава нервоза

Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Здраво, јас сум матурант оваа година. Океј го поднесувам карантинот, ама нервоза ми создава неизвесноста што ќе правам после средно, дали ќе има матура, приемен за факултетите, на кој факлутет да се запишам, дали ќе си ги расипам оцените до сега затоа што потешко ми е да учам дома… Никогаш не ме секирала иднината, сум имал некој план, а ако не испадне ќе смислам нов ама оваа ситуација е многу неизвесна и ми ствара паника. Плус и притисок од моите да учам, а не разбираат дека потешко е да се учи и внимава на час онлајн кога си имам кревет во соба, фрижидерот ми е на минута од мене, сестра ми и брат ми се врткаат низ соба.

Како да не се оптеретувам со тоа што ќе биде после средно?

 Одговара Јана Зенговска

Здраво,

Кога се случуваат настани кои ни ја менуваат целокупната динамика на живеење, при тоа се  соочуваме  ситуација за која досега немаме искуство очекувано е да сме вознемирени, да се јави страв итн.  Новите искуства не променуваат,  но и не подготвуваат за некои следни искуства. Од твоето прашање имам впечаток дека ти имаш веќе план за твојата иднина имаш поставено цели кои сакаш да ги постигнеш. Но,  потребно е да креираш  нови начини на постигнување на твоите цели со оглед на ситуација. Целокупниот  процесот  може да те збунува и создава  притисок кој прераснува  страв дека нештата нема да ги завршиш бидејќи не е според однапред утврдениот план. Биди искрен со себе, со негирање на важноста на тоа што не преплавува нема да направиме промена. Обиди се да увидиш што е тоа кое тебе лично те допира и вознемирува. Само така ќе имаш можност да ги видиш и можностите кои сега ќе ги креираш.

Размислувај во насока на поинакво структурирање на и организација на времето, во согласност со активностите кои ги имаш. Создади си услови за да можеш да следиш предавањата без да бидеш вознемирен , разговарај со родителите и твоите брат и сестра за тоа што ти е  потребно со цел  соодветно и навремено да ги извршуваш своите активности. Материјалот побрзо  ќе го научиш ако си релаксиран отколку да бидеш под притисок и правиш нешто кое не е  соодветно за тебе во моментот, само за да “ им удоволиш на родителите“ тоа не функционира. Изборот на факултет е важен животен избор. Седни  релаксирано и одговори на следниве прашања: Што сакам да правам во слободно време? Што е тоа во кое постигнувам подобри резултати во однос на моите врсници? Што ми е важно во животот и кои се моите вредности? Во што верувам јас? Кои професии ми се интересни? Што е тоа што најмногу ме мотивира? Кои се моите цели што сакам да ги постигнам? Моја идеална работа би била? Овие прашања се со цел да ги освестат некои твои аспекти кои би можело да ти помогнат во изборот. Разгледај ги различните програми за студирање, информирај се за сите можност кои ќе ги имаш, разговара слободно и отворено с родителите. Барај помош и поддршка кога ти е потребна. Многу важно да си дадеш доволно време и да ги разгледаш сите опции кои ги имаш на располагање.

Ти се наоѓаш во еден активен развоен период  кога завршуваш одредена животна етапа и како млад  човек продолжуваш понатаму да го истражуваш и креираш сопствениот пат. Ова е период кога ќе искусуваш повеќе животни улоги кои ги наметнува општеството. Ова е период на созревање, лична интеграција, про-креативност. Јас верувам дека имаш капацитети да се соочиш со предизвиците кои ги имаш.

*Јана Зенговска е лиценциран психолог, гешталт психотерапевт под супервизија и тренер за резилиентен пристап во работа со деца и млади кои доживеале траума . Спроведувала голем број на обуки и работилници со цел подобрување на пристапот во работа со деца и млади. Има долгогодишно искуство во советодавна работа како координатор-психолог на СОС линијата за помош и поддршка на деца и млади и нивните семејства. Психотераписка пракса ја спроведува во рамките на Психотерапика – Здружение за психологија и психотерапија. Учествува во различни активности кои имаат за цел промоција на менталното здравје.