Рубриката #ШтоТиТежи постои за одговарање конкретни прашања што ги мачат младите. Група на психолози-психотерапевти ќе дадат стручно мислење и совет на прашања поставени од страна на нашите читатели, а прашањата и одговорот на психологот секој четврток ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.
Пред неколку месеци започнав да се гледам со мојот сегашен партнер, а откако започна карантинов, решивме да почнеме да живееме заедно во неговиот стан. Поради природата на нашите работи места, јас продолжив да работам од (неговата) дома, а тој беше целосно слободен, активно посветен на видеоигри. После првите неколку недели од изолацијата, кај мојот партнер започнав да забележувам карактеристики кои ми пречат. Домашните секојдневни обврски ги поделивме ферски, но не очекував дека тој нема да сака да „помрдне со мал прст“ надвор од неговиот дел на обврски. Чаши без подметачи, ќесиња од грицки и носени чорапи се само дел од секојдневниот пејсаж, додека тој ниеднаш самоиницијативно почна да чисти или пак да мие садови. Се чувствувам дека сум досадна и командувам цело време, нешто за кое тој вели дека ако му било интересно, ќе продолжел да живее со неговите родители. Кујната исто така е воено поле, тој е одговорен за готвењето бидејќи јас сум на работа, но во последниве денови често знае да го искоментира моето „неприсуство“ пасивно-агресивно. Незатворање на врати, негаснење на сијалици, па дури по некоја скршена чаша можат да бидат тригери за боцкави пререкувања, нешто што ме вади од кожа. Без разлика што коментарот е ситен, фактот дека станува збор за банална ситница и лесно поправлив проблем, а добива негативно внимание, премногу ме фрустрира.
Како да ги решам овие фрактали во нашето веќе не толку ново секојдневие кои ми пречат. Последно што сакам е убавата „голема“ слика, да биде уништена поради малите делчиња.
Одговара: Ана Попризова, училиштен психолог, психотерапевт и тренер во Гешталт Институт „Синергија“ – Скопје
Ти благодарам што го сподели она што ти тежи. Се надевам дека овој одоговор ќе ти помогне да добиеш некои идеи за состојбата во која се наоѓаш и можни начини како да се справиш.
Заедничкото живеење со партнер е нова состојба за секоја личност и претставува специфичен предизвик. Еден простор одеднаш станува заеднички, во него влегуваат две личности кои со себе и во себе носат цели сопствени микрокосмоси, а со овој чин започнуваат да градат еден нов, заеднички.
Во тој нов микрокосмос секој се вселува со сите свои багажи. Со своите потреби, навики, однесувања, одговорности, интереси, хобија и сл.
Низ зaедничкиот живот во новиот микрокосмос, се допираат и среќаваат уникатните микрокосмоси на секој од партнерите. Возбудата од креирање на нов заеднички простор, нови заеднички ритуали, споделување на емоции е огромна. Овој процес подразбира отвореност и толеранција за и со другиот. И секако дека и дава живот на релацијата, со целата инвестиција на енергија од страна на партнерите.
Од друга страна, она што е значајно во заедничкото живеење е да се задржи и простор за сам себе, во новиот и заеднички простор. Бидејќи градејќи го новиот заеднички микрокосмос, не го напуштаме сопствениот.
Всушност, како заедничкото живеење да се еден танц помеѓу тие два микрокосмоси, креирајќи низ играта еден заеднички нов и уникатен микрокосмос.
Се обидов на еден симболичен начин да ја прикажам новата релација во услови на заедничко живеење.
Но она што го забележувам од текстот ми предизвикува чувство дека можеби вие двајцата во новиот простор и новата релација сте донеле и многу содржини, очекувања, обрасци на однесување од вашите примарни семејни средини. Како да можев да го видам образецот на „критичкиот и сезнаечки“ родител во вашето однесување, очекувајќи ред, диспилина и почитување на правила, и образецот на „неодговорното заиграно дете“ во однесувањето на партнерот. Како да сте ги ставиле во танцот на градење на заеднички микрокосмос овие два аспекти, па тие се поттурнуваат неможејќи да се ускладат во играта. А тоа предизвикува незадоволство и пасивна или отворена агресија, како што наведуваш.
Очекувањата да бидеме успешни во една релација и заедничко живеење можат да не направат и анксиозни и уплашени. Многу често релацијата се доживува како наш сопствен репрезент во средината, па доколку е таа неуспешна, имаме чувство дека ние не сме успешни. Затоа си се „притискаме“ себе си и партнерот со очекувања, проекции или идеализации каква сакаме или каква треба да биде нашата релација. При ова многу често не се зема во обзир реалноста, какви сме ние и/или патнерот, туку каква е нашата замисла. Ова доведува и до потиснување на сопствените потреби и потребите на партнерот и незадоволство од релацијата.
Отвoрената комуникација е суштинска во една релација. Можеби би можеле да споделите како се чувствувате во меѓусебната комуникација и да се обидете да си влезете „во чевлите на партнерот“, за да видите какво е чувството што вашите однесувања ги предизвикуваат кај другиот. Можеби ќе станете свесни дека доминираат премногу контролирачки аспекти во твоето однесување, а премногу детски и неодговорни реакции кај партнерот. При ова е значајно да ги земете во обзир и очекувањата од релацијата, но и вашите лични обрасци на однесување кои ги пројавувате во односот, а ги носите од вашите примарни семејства.
Ние многу често се обидуваме да го пресликаме релациониот модел од сопствените родители и семејства, бидејќи тој ни е познат, а немаме искуство со други начини на партнерска комуникација. Свесноста за ова може да помогне да не се падне во замката на нефункционалност. Одредете заедничка појдовна точка за комуникација и компромис и дефинирајте план на активнсти, но и листа на прифатливи правила кои ќе ги имплементирате. Ова може да биде шанса за развивање на нови обрасци на однесување, во нова релација. При ова почитувајте ги разликите на другиот. Можеби ќе се отвори сосем нов свет, на воочување нови аспекти и погледи, а со тоа и подобро разбирање на партнерот и негово вреднување а не криткување или негирање. Воочете ги работите кај другиот кои ви се допаѓаат, а не само оние кои не ви се прифатливи. Никој не е совршен, сите имаме свои лоши денови, нерасположенија, напнатост и сл. И тоа е дел од животот. Патнерите не се во нашите животи за да ги задоволат само нашите очекувања.
Овие увиди можат да помогнат заеднички да ја согледате пореално состојбата и да ги препознаете обрасците, а со тоа и да ги менувате, односно да градите релација које ќе биде ваша, автентична и повеќе во контакт со вашите заеднички потреби, а со прифаќање и почитување на разликите.
Релацијата е нешто што е живо и во постојана промена. Расте и се манува како и партнерите кои ја градат. Има прекрасни моменти, ни и застои и пречки, проблеми и предизвици. Тоа ја дава содржината на релацијата. Може да станува и попродлабочена токму со секоја надмината криза. Но, истовремено многу е значајно да се препознае и кога е дисфункционална и не генерира раст кај партнерите.
Се надевам дека со овој одговор, успеав да ти помогнам да ја согледаш својата релација од поинаков агол и да добиеш идеи како да иницираш промена и развој.