Во Словенија денеска се одржува штрајк на професорите, наставниците и сите работници во образовниот сектор, а училиштата утринава останаа затворени. Според Синдикатот на вработените во образованието и науката , кој е организатор на штрајкот, во него се вклучиле околу 37.000 вработени во образvанието, од околу 1.000 образовни институции.
Истовремено е најавен и протест во Љубљана, каде се очекува присуство на 15.000 просветни работници од цела Словенија. Со штрајкот се бараат повисоки плати и регрес за годишен одмор. Од Синдикатот посочуваат дека платите на вработените во државната управа се непропорционално повисоки од оние на просветните работници, иако се работи за ист степен на образование.
Ова е трет штрајк на вработени во словенечкиот јавен сектор оваа недела. Завчера протестираше полицијата, а вчера вработените во здравствените установи и социјалните служби.