Пријателите на затворената транс ЛГБТИ активистка, Дирен Кошкун, почнаа да се приклучуваат на штрајкот со глад со цел да ѝ бидат овозможени основните барања за нејзиниот третман во затвор во Турција, објави Субверзивен фронт.
Според организација Кескесор, Дирен одбила да биде ставена во затвор за мажи, па била чувана во самица во затворот во Дијарбакир. Покрај тоа, тврдат од организацијата, Дирен била малтретирана од полицијата при нејзиниот пат кон затворот, додека пак затворските чувари ја третирале љубезно и ѝ се обраќале како г-а Дирен, според нејзиното име, а не според податоците од личната карта.
Подоцна Дирен била префрлена во затворот Текирда, сместена во ќелија која затворениците ја нарекуваат „ковчег-соба“.
Гласноговорничка на ЛГБТИ+ организациите од Истанбул, Кивилцим Арат, потврди дека Дирен започнала со „неодреден штрајк со глад“ од 25 јануари. На 12 ден и Арат се приклучила на штрајк за поддршка и солидарност на пријателката.
„Сè додека ние толерираме како еден живот ни бега од раце, ние ќе бидеме одговорни за неговата смрт”, рече Арат и повика на масовна солидарност за Дирен за остварување на нејзините барања – подобар третман во затворот, да се ослободи од самица и да се отстрани блокажата за одобрената операција.
Инаку, транс анархистката Кошкун беше затворена поради изречената затворска казна случај во кој беше обвината за „членување во терористичка организација“ и „пропагирање на тероризмот“ на 14 август 2017 година во судницата во Дијарбакир, Турција, каде што се појавила за најобична бирократска постапка, а била притворена при случајна проверка на личната карта.