Независното театарско здружение „ШТРИХ“, формирано од културни работници и независки уметници, а се бави со културно-уметничка и едукативна дејност ја најави премиерата на театарската представа „Only Artists Left Alive“.
Претставата, за која од „ШТРИХ“ велат дека говори за моќта и способноста на актерот и сè она кое актерската уметност може да му го пружи на човештвото со поставување на прашањето „Дали научивме нешто од сево ова?“, премиерно ќе се одигра на 30 јули, на главната сцена на Народен театар Битола, со почеток во 20 часот.
Од Здружението објаснуваат дека претставата е склоп на повеќе сцени од разни автори и временски периоди кои говорат за многу повеќе од обичните и секојдневни човекови проблеми, играјќи си со хронологијата на времето, од самите почетоци на антиката па сè до денешницата.
„Тематиката на ова дело не го ограничува да остане само за театарџиите и театарската публика. Претставата е далеку од нешто на кое големиот дел од публиката е навикната да го гледа на сцена. Во случај како овој, тоа е од голема полза особено во однос на тоа што е целта на претставата, каде и на што е ставен акцентот и која е пораката со која гледачот треба да го напушти гледалиштето“, додаваат оттаму.
Претставата е ко-продукција на независното здружение „ШТРИХ““, Народниот театар Битола и Младинскиот културен центар (МКЦ).
Режисер на „Only Artists Left Alive“ е Мартин Кочовски, продуцент Борис Василески, додека драматургијата е на Стефан Миленков.
Актерската екипа ја сочинуваат Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Здравко Стојмиров и Марија Стефановска.
Музиката ја има подготвено Пеце Трајковски, сценографијата е на Филип Јовановски, а костимографијата на Марта Дојчиновска.
Од утре, 28 јули, билетите за претставата ќе бидат достапни во билетарницата на НУ Театар Битола, по цена од 200 денари, а заинтересираните можат да ги резервираат билетите и на социјалните мрежи на театарот, како и телефонски.
Скопска премиера на претставата „Only Artists Left Alive“ е најавена за во септември годинава.