Шукова: Планирана е комунална полиција, меѓутоа јас повеќе сакам подигнување јавна свест

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова вели дека се подолго време се размислува за воведување комунална полиција, која би казнувала за редовното расфрлање отпад од граѓаните.

„Контрола има постојано. Јас мислам дека ни е проблемот казнувањето. Кога одиме во земјите на Европската унија, кога ќе ја поминеме нашата граница, за жал, поинаку се однесуваме. Мислам дека како се однесуваме во тие земји – треба да се однесуваме и дома. Не е прашањето дали треба да се казнуваме. Прашањето е да ја подигнеме јавната свест дека фрлајќи го отпадот си правиме штета на самите себе, бидејќи ние тука живееме, тука опстојуваме, тука ќе живеат и нашите деца. Планирана е една активност, како една нова мерка, да речеме, зборуваме подолго време да се воведе комунална полиција во државата. Таа ќе може на лице место да изрекува казна исто како што сообраќаен полицаец да изрече казна за сообраќаен прекршок на лице место. Меѓутоа, јас повеќе сакам подигнување јавна свест отколку казнување“, посочи министерката од тетовското село Туденце по теренска посета каде почнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на река Вардар.

Таа потенцираше дека не е проблемот дали државата и локалните власти ќе интервенираат и ќе чистат, туку чистото така да остане. Особено тоа важи за местата како националните паркови, за каде е воспоставена пракса да се чистат депониите, но, вели Шукова, повторно се формираат.

Инаку, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, пред неколку недели информираше дека до Собранието и Владата доставиле Предлог-закон за комунална полиција на Градот Скопје. Во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, според Арсовска комуналната полиција ќе претставува системски механизам во борбата против загадувањето, но и ќе придонесе за воведување комунален ред во градот.

„Создавањето диви депонии, фрлањето комунален отпад на недозволени места, палењето контејнери, гуми и отпад, нарушувањето на комуналниот ред се предизвици со кои Градот Скопје секојдневно се соочува. Континуирано ги преземаме сите мерки од наша надлежност за санкционирање на сторителите, а нашата цел е да воведеме ред и на граѓаните да им го овозможиме тоа што е најважно, да живеат во чиста и здрава животна средина. Од тоа нема да отстапиме и токму поради тоа сметаме дека донесувањето на Закон за комунална полиција на градот Скопје е од исклучителна важност за поефикасно и побрзо справување со загадувачите на терен. Затоа повикуваме да се прифати ова системско решение, строго регулирано со Закон, за доброто на граѓаните како во останатите главни градови во регионот како Белград, Тирана и Подгорица, но и во многу градови низ Европа. Искуствата и придобивките се многубројни и позитивни особено за справување со оние кои континуирано се обидуваат да ги изиграат законите“, соопшти Арсовска.

Доставен Предлог-закон за комунална полиција до Собрание и Влада, Арсовска очекува ваква служба да придонесе за комунален ред во Скопје