Граѓаните на Швајцарија денеска на референдум одлучуваат за употребата на ковид сертификатите, кои функционираат по истиот шаблон како и во Европската Унија, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
По втор пат за помалку од два месеци, Швајцарците ќе гласаат за Законот за Ковид-19 кој ја регулира не само финансиската помош за културните институции и угостителските објекти, туку и употребата на ковид сертификатот кој е компатибилен со апликациите на ЕУ.
Без законот за коронавирус, таканареченото правило 3Г (вакцинирани, оние кои прележале Ковид-19 и тестирани) повеќе не може да се применува во секторот угостителство и при одржување културни настани.
Како што се наведува, досегашните анкети покажуваат дека Швајцарците и на овој референдум нема да гласаат против законот, но противниците се доста успешни во кампањата против мерките за сузбивање на пандемијата, па здружението „Пријатели на уставот“, основано за време на пандемијата, за референдумот собра речиси 190.000 потписи.