Шведска планира повеќе да им наплаќа на авиокомпаниите при полетување и слетување доколку нивните авиони се позагадувачки, соопшти владата, пренесува „Гардијан“.
Мерката треба да стапи на сила во јули и значи дека поновите и поефикасни авиони ќе имаат корист од ова, додека постарите авиони ќе бидат погодени со повисоки давачки.
„Ова значи дека таксите за полетување и слетување можат да бидат позначителни кога влијанието на авионот врз климата е поголемо и може да се намалат кога влијанието на климата е помало“, соопшти Министерството за инфраструктура, опишувајќи го планот како прв во Европа и веројатно во светот.
Проектот, кој мора претходно да биде одобрен од парламентот, а се однесува на аеродромите Арланда во Стокхолм и Ландветер во Гетеборг, ги зема предвид и авионите кои користат биогорива.
Владата соопшти дека проектот сè уште се дискутира и подготвува.
Инаку, во Шведска во 2018 година започна движењето кое е против летање со авион со цел да се намалат емисиите на јаглерод. Според шведските железници, само еден лет помеѓу Стокхолм и Гетеборг, двата најголеми града во Шведска, создава јаглерод диоксид колку 40.000 патувања со воз.
Според студија од 2017 година, патувањето со авион од страна на секој Швеѓанец е одговорно за околу 1,1 тон јаглерод диоксид, што претставува зголемување за 50% во однос на 1990 година.