Откако учениците по пандемијата се вратија во училиштата во Шведска најголемиот број од наставниците сега ставаат акцент на физичките книги, време за читање во тишина и вежбање пишување, а помалку внимание посветуваат на таблетите, истражувањето на интернет и вештините за пишување со тастатура.
Враќањето на потрадиционалните начини на учење е одговор на грижите на политичарите и експертите за тоа дали преголемата дигитализација во образованието, вклучително и воведувањето таблети уште во градинките, придонел за намалувањето на основните вештини, пишува Гардијан.
Актуелната министерка за образование Лота Едхолм беше еден од најголемите критичари на целосното прифаќање на технологијата во наставата.
„На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учењето“, рече Едхолм уште пред неколку месеци.
Таа во август најави дека шведската Влада сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование со која електронските уреди станаа задолжителни во предучилишните установи. Нивниот план оди уште подалеку и целта им е целосно да се укине дигиталното учење за децата под шест години.
И покрај тоа што шведските ученици и натаму постигнуваат резултати над европскиот просек според тестирањата во читање, нивниот резултат сепак бележи пад во периодот помеѓу 2016 и 2021 година според студијата ПИРЛС. Во 2021 шведските четвртоодделенци постигнале просечно 544 поени, што е назадување од просечните 555 поени кои ги имале во 2016 година. Сепак, нивните резултати се прилично високи на светско ниво и ја позиционираа Шведска на седмото место во светот. За споредба, на ПИРЛС рангирањето Сингапур е на првото место, со подобрување на резултатот од 576 на 587 поени во истиот период.
Дел од училишното назадување веројатно е резултат на пандемијата со КОВИД-19, како и зголемениот број на ученици кои доаѓаат од семејства на имигранти, чиј мајчин јазик не е шведски. Сепак, образовните експерти сметаат дека прекумерното користење на технолошките уреди во школите може да придонесе младите да назадуваат во основните предмети.
„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки го нарушуваат, наместо да го подобруваат учењето кај децата. Ние веруваме дека фокусот треба да се стави на учење од хартиени учебници и стручноста на наставниците, наместо примарно да се добива знаење од слободно достапните дигитални извори, чија точност не е проверена“, велат од Институтот Каролинска, еден од најпрестижните универзитети во Шведска.
Брзото прифаќање на дигиталните алатки за учење повлекоа загриженост и од Агенцијата за образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО). Во извештај кој го објавија во август од Агенцијата алармираа на соодветно користење на технологијата во образованието. Извештајот ги повика државите да го забрзаат интернет пристапот во училиштата, но истовремено и предупредија дека технологијата во училиштата мора да биде имплементирана на начин кој никогаш нема да го замени образованието и поддршката која ја даваат наставниците.