Шведските пост-панкери „Viagra Boys“ на „Здраво млади 11“

„Viagra Boys“ е првиот состав најавен за овогодинешниот „Здраво млади“. Единаесеттото издание на фестивалот за нова музика е најавено да се одржува на 26 и 27 август во паркот на МКЦ, каде бендот од Шведска ќе настапува првиот ден.

„’Viagra Boys’ е шведски пост-панк бенд, кој со секој нов албум станува сѐ подобар и подобар. Беше планиран за ланското издание, но заради компликациите произлезени од ситуацијата со корона-вирусот неговото доаѓање се одложи за оваа година. Овогодишниот Фестивал на нова музика ќе понуди разновидна програма со најактуелните имиња од новиот бран на музичката сфера“, соопштуваат од МКЦ.

Првата најава за фестивалот стигна на 30 март, со објавување на резултатите од конкурсот за дизајн на ова издание. Првонаграденото дизајнерско решение е исто така и официјалниот визуелен дизајн на фестивалот „Здраво Млади 11“, дело на Катја Штркова.

„Во рамки на придружната програма ќе се реализира и групна изложба со сите дизајни на уметниците што аплицираа на конкурсот“, велат од МКЦ.

Фестивалот ќе се реализира согласно мерките за организирање настани на отворен простор.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба од следната недела. Истите ќе бидат достапни на билетарницата во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk.