Шведските образовни власти имаат намера да ја отфрлат историјата постара од 18-ти век од училишната програма, за учениците повеќе да се концентрираат на Холокаустот, Адолф Хитлер, Втората светска војна и постмодерниот период од крајот на 20-тиот век.
„Го нема веќе Стариот Рим, Античка Грција, нема веќе учење за големото шведско царство“, најавува Шведскиот одбор за образование, кој предлага предметот историја радикално да се промени, јавува порталот Svd.de.
Се очекува да се посвети повеќе време во образовниот систем на прашањата поврзани со полот, климатските промени и миграцијата, додека во повисоките одделенија, каде учат ученици на возраст од 13 до 15 години, нема повеќе да се изучува историјата која датира пред 1700 година.
Предложено е Античка Грција, Антички Рим и ерата кога Шведска била голема сила и владеела со земјите околу Балтичкото Море да се избришат од историските учебници за најмладите.
„Ревидираните планови за настава се резултат на недостатокот време за учење историја во училиштата“, тврди Шведскиот одбор за образование, пренесува „Танјуг“.
Меѓутоа, оваа намера предизвика отпор кај професорите по историја.
„Тоа е страшно, бизарно и апсурдно“, тврди историчарот Дик Харисон, кој посочува дека е принуден да одговори и укажува на фактот како е потребна „античката историја“.
„Сè што нè опкружува е наследство на античките Грци“, забележува тој, предупредувајќи дека, доколку тоа стане реалност, ќе предизвика непријатности за Швеѓаните ширум светот.