На Вечерта посветена на Стефан Сидовски – Сидо, плочка со неговото име ќе биде поставена на омиленото столче на професорот во киносалата, соопштуваат од Кинотека на Северна Македонија за настанот кој ќе се одржи на 25 септември со почеток од 20 часот.
На присутните ќе им се обратат и неколку негови пријатели, а ќе бидат прикажани и неколку филмови на Сидо, краткиот документарен филм на Тамара Котевска, насловен „СИДО“, како и неколку досега необјавени видео-материјали за професорот.
Стефан Сидовски – Сидо (1946 – 2019) е легенда на аматерскиот филм во Македонија (ја носеше титулата Мајстор на аматерскиот филм, највисоката титула што ја доделува Кино сојузот на Македонија) и беше еден од најомилените професори по филозофија и филм. Заљубеник и занесеник по филмот од рана возраст, Сидо повеќе од половина век беше синоним за неверојатна посветеност на филмот.
Д-р Стефан Сидовски е роден на 3 октомври 1946 год. во Скопје. Студира филозофија, а во 1973 год. се вработува во гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин”. Во 1995 година магистрира со трудот „Естетската суштина на филмскиот кадар”, а во 2001 год. докторира на тема „Естетиката и дијалектиката во монтажата на филмот”. Уште од гимназизки денови се занимава со аматерски филм, прво самостојно, а потоа, како член на киноклубот „Камера 300″. Од 1975 е член на „Академскиот киноклуб”. Учествувал на многу меѓуклупски и меѓународни фестивали на кои бил наградуван, а некогаш и забрануван.
По 36-те години поминати како професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.
Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Автор е на десетици филмови, меѓу кои и „Контејнер“ (2008), „Полуден Револуционер“ (2015), „Raison d’etre“ (2006), „Средба“ (2014), „Големиот оратор“ (2007), „C’est la Vie“ (2016)…