Речиси не постои човек кому пандемијата не му го промени животот изминативе три години. „Новата нормалност“ на карантините, изолациите, социјалната и економската неизвесност имаше силно негативно влијание врз менталното здравје. Ова особено ги погоди младите и луѓето кои се наоѓаат во социјален ризик.
Светската здравствена организација проценува дека скоро една милијарда луѓе во светот имаат проблем со менталното здравје, а половина од овие нарушувања започнуваат на возраст од 14 години и најголем дел од нив остануваат непрепознаени и не се третирани. Студија покажа дека речиси секој втор македонски адолесцент се соочува со здравствено ментален проблем, а според друго истражување младите се чувствуваат трајно обесправени од пандемијата.
Токму оваа „нова нормалност“ за психологот Милица Крстиќ беше поттик пред четири месеци да ја покрене регионалната платформа „Сигурен простор“ (Siguran Prostor). Се работи за онлајн платформа на која психотерапевти нудат помош на луѓе во социјален ризик, кои не се во можност финансиски да си дозволат психолошка поддршка. На платформата во моментов има преку 40 психотерапевти од Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, а од неодамна оваа услуга е достапна и во Македонија, каде во моментов има два терапевти кои нудат помош на македонски јазик.
„Кога почна пандемијата во 2020 година и кога на површина испливаа сите проблеми, сфатив колку луѓето во окружувањето, мои пријатели и познаници, се соочуваат со различни предизвици, а не се во можност да си приуштат психотерапија. Тогаш дојдов на идеја на луѓето да им овозможам бесплатна психотерапија“, објаснува Крстиќ за Радио МОФ.
Според неа постои голем интерес за ваква психолошка поддршка. Дневно преку 5.000 луѓе ја посетуваат нивната платформа и се обидуваат да закажат бесплатна сесија со психотерапевт. Во овие четири месеци, успеале да направат над 400 бесплатни онлајн сесии за корисници во социјален ризик.
„За жал свеста за важноста на менталното здравје во регионот не е доволно висока, но ми се чини дека оваа свест секојдневно се` повеќе се развива. Менталното здравје полека престанува да биде табу тема. Една од целите на платформата „Сигурен Простор“ е да ја нормализира темата за работата на себе, да ги едуцира корисниците за придобивките на психотерапијата и да овозможи таа да биде достапна и бесплатна“, објаснува Крстиќ.
Таа додава дека поради ограничениот број психотерапевти, не е можно да се обезбеди поддршка за сите кои ја посетуваат нивната платформа. Во моментов еден клиент може да закаже една сесија кај некој од терапевтите, а Крстиќ се надева дека во иднина, со раст на бројот на терапевти кои нудат помош, ќе можат да поддржат повеќе луѓе, како и да понудат континуирана помош на дел од клиентите.
Платформата „Сигурен Простор“ е достапна на следниов ЛИНК.
Даниел Евросимоски