Шелтер центарот „Сигурна куќа“ информира дека привремено ќе престане со работа и да ја дава социјалната услуга – привремен престој во центар за жртви на родово-базирано насилство.
Според „Сигурна куќа“, оваа одлука билa тешкa и била донесена по внимателно разгледување на сите аспекти од моменталната ситуација во која се наоѓаат.
„Свесни сме колку е важна поддршката за многумина од вас и длабоко жалиме што сме принудени привремено да прекинеме со нашата работа. Секако, нашата работа не завршува тука – продолжуваме да целиме кон обезбедување на безбедна средина, помош и поддршка на најмаргинализираниот дел од ЛГБТИ+ заедницата“, посочуваат од таму.
Воедно, нагласуваат дека нивната линија за помош и профили на социјалните мрежи и понатаму остануваат отворени.
„Ви благодариме за вашата соработка, разбирање и поддршка во овие тешки моменти. Се надеваме на подобри денови за сите нас!“, велат од „Сигурна куќа“.