Македонската филхармонија денеска напладне ќе одржи симфониски концерт за деца насловен „Музичка екскурзија со Пакомак“, на кој аниматор ќе биде познатиот водител на емисии за деца Ивце Пивце.
На концертот, кој ќе го води диригентот Фи Фи Ле, ќе бидат изведени композиции од Хајдн, Респиги, Вивалди, Штраус, Бетовен, Сметана…
Концертот е посветен на екологијата, чувањето на природата, соживотот на растителниот и животинскиот свет. Раскажува приказна за група ученици кои одат на екскурзија и за нивните перипетии кои ќе им се случат по патот.
„Ова е уште еден од едукативните концерти на Македонската филхармонија чија мисија е преку класичната музика, но и преку еко приказната, да влијае врз образованието на најмладите и да ја прошири нивната свест за екологијата, надвор од училишните клупи“, соопшти Филхармонијата.