Синдикатот на вработените на НУ Македонска филхармонија велат дека се разочарани, но не и изненадени од одлуката за разрешување на директорката Тина Иванова и Управниот одбор (УО) на нивната институција, Македонска филхармонија.
„Свесни сме дека причините за разрешувањето коишто Министерството за култура ги наведе во јавноста не ја рефлектираат вистината, а одлуката се должи на тоа што директораката Тина Иванова и членовите на УО застанаа зад сите нас, вработените во Македонска филхармонија кои бевме против штетната и нетранспарентна одлука за вдомување на џез оркестарот во просториите на нашата институција“, соопштуваат од Синдикатот.
Затоа, велат тие, со огромно негодување, жал и резигнираност го примиле известувањето за разрешувањето на Иванова од функцијата директор на Македонската филхармонија.
„Но, во оркестарот и во Синдикатот, овој потег на Министерката за култура не беше и неочекуван. Министерката за култура како надлежна прекина секаква комуникација со директорката, а со тоа и со нас и со институцијата во целина, а откако го создаде проблемот со нејзината тајна мисија Национален џез-оркестар да биде сместен во зградата на Филхармонијата на што систематски реагиравме. Откако Министерката за култура и Владата најдоа друго соодветно решение за проблемот, за кратко помисливме дека комуникацијата меѓу институцијата и Министерката, по неколку месечни тортури, инспекции, непринципиелни неразбирливи притисоци, ќе се нормализира и дека во нашата соработка нема место за лични хирови и каприци“, стои во соопштението.
Тие изразуваат поддршка Иванова и сите членови на УО, затоа што велат дека застанале зад нив и зад куќата со којашто раководле со професионалност и интегритет.
„Со ова наше обраќање сакаме уште еднаш да и укажеме на Министерката за култура дека ние, вработените во Македонска филхармонија, нема да дозволиме повторно валкање и рушење на угледот и реномето на нашата институција и дека секојпат кога државата ќе носи одлуки кои не одат во прилог на нашата институција, соодветно ќе реагираме. Директори се менуваат, но не треба да се менува односот на државата кон своите најзначајни институции. Во тој контекст не се менува ниту нашата примарна заложба да ја штитиме институцијата секогаш кога ќе биде доведен во прашање нејзиниот интегритет. Очекуваме кооперативност од Министерството за култура чија основна задача е да ги штити интересите на уметниците и да гради здрава и афирмативна културна политика“, се вели во соопштението на СО Македонска филхармонија при СКРМ.
Инаку, довчерашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова со писмо до јавноста реагираше дека е разрешена бидејќи застанала на страната на колективот и на институцијата. Исто така, тврди таа, постојано и’ биле праќани трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерство за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерсвото за култура, кои станале редовни посетители во нивната институција. Како што кажа, се’ праќале дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат, туки единствено затоа што се немало храброст да се каже дека ја разрешуваат поради непослушност.
Министерството за култура пак, соопшти дека министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донела одлука за разрешување на Иванова откако бил извршен увид од Комисија од министерството и биле констатирани бројни законски повреди и неусогласености во работењето со институцијата. Според министерството, од документацијата и направените записници се заклучило дека директорката Иванова постапувала несоодветно, неекономично и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија.