Владата и синдикатите вчера соопштија дека постигнале договор за платите на вработените во јавниот сектор и тој ќе се официјализира со потпишување на нов Општ колективен договор во следниот период.
Според договореното вработените во јавниот сектор ќе добијат зголемување на платата за 10% од септември, исплата на К-15 до крајот на декември оваа година од 10.000 денари, а од догодина овој додаток да изнесува најмалку 30% од просечната плата, како и нова методологија за пресметка на платите, која ќе зависи од просечната плата во државата и коефициентите, што ќе почне да се применува од март 2025 година.
„Вработените во јавниот сектор треба да бидат задоволни од тоа што го постигнавме со претставниците на Владата. Иако стартните позиции беа различни, за нас како синдикати беше важно вработените во јавниот сектор на банкомат, со платата од септември да добијат далеку повеќе од 14,2%, што со овој процент кој го договоривме сега го постигнавме, ако имаме во предвид дека платите на голем дел од вработените во јавниот сектор со синдикални активности пораснаа изминатиов период. За нас беше битно тој пораст на платите да не биде анулиран со ова зголемување, туку ова зголемување да биде дополнување“, изјави по средбата претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
„Сметам дека следниот чекор на кој ќе отвориме дискусија со синдикатите ќе биде оптимизација на јавниот сектор. Затоа што повисоки плати значат и повисока продуктивност, поголема ефикасност, а тоа се мери со задоволството на граѓаните. Ние имаме сектори во кои не треба оптимизација и рационализација, но имаме и сектори каде што е потребна рационализација за да се постигне ова што го кажав“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими најави ребаланс на Буџетот во септември со цел да се најдат парите со кои ќе се исплатат договорените покачувања. Тој не соопшти колку овие покачувања ќе ги чинат граѓаните и најави дека поконкретни бројки ќе бидат соопштени во следниот период.