Синдикатите на јавните универзитети во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ – Скопје ги демнатираат изјавите на техничкиот премиер Талат Џафери дека донцеле со поднесување на документацијата за Колективните договори.
„Целокупната документација за потпишување на Колективните договори уредно е доставена до претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, основач на Универзитетот во периодот од Мај 2023 година до Декември 2023, соодветно од страна на сите универзитети поединечно“, се вели во дописот до медиумите.
Потписници на демантот се Синдикатите на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид.
Тие посочуваат дека на почетокот на декември мнозинството на петте државни универзитети испратило предупредувачки писма задо претседателот на Собранието на Република Северна Македонија за истекувањето на рокот за потпишување на колективните договори.
„Во текот на месец февруари, оваа година, беше ставен во оперативна употреба Колективниот договор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и беа исплатени платите по новиот Колективен договор. Веднаш потоа сите пет синдикални организации на јавните универзитети испративме барање за итен прием кај претседателот на Собранието. На 15.02.2024 година бевме примени од претседателот на Собранието, на средбата беше укажано дека ги имаме доставено сите документи и, дека, ако постоел проблем со документацијата, требало да се информира секоја синдикална организација. Во меѓувреме беше побаран и прием кај техничкиот премиер на РСМ, којшто требаше да се одржи на 02.03.2024 година, но истиот не се реализираше. Поради тоа на 04.03.2024 година се одржаа мирни протести, со дигнитет и достоинство…Ние не се занимаваме со политика!“, пишува во демантот.
Оттаму истакнуваат дека се работи за синдикален активизам на синдикатите на вработените, а не за политичко влијание.
„Особено ако се земе предвид предизборниот период во кој се одвива и овој синдикален напор, не по вина и избор на синдикатите, туку поради немање желба и волја на Собранието и на Владата да го потпишат колективниот договор и со останатите пет јавни универзитети поради непредвидените буџетски средства за реализација на истиот“, стои во дописот.
Техничкиот премиер Џафер на вчерашната прес-конференција изјави документацијата била доставена на 28 јануари при што посочи дека од 28 јануари до 14 февруари има 14 дена, период за кој не може да се завршат процедурите. Тој рече дека започнатата процедура потпишување на Колективните договори ќе продолжи по изборите.
„Кој и да е составот на наредното мнозинство ќе мора да го овласти претседателот на Собранието затоа што актуелниот претседател физички нема време тоа да го прави“, рече Џафери.
Синдикатите на петте државни универзитети во понеделникот, на 4 март одржаа мирни протести пред зградите на ректоратите на универзитетите со кои побараа потпишување на договорите до 8 март. Во спротивно најавија јавни протести.
Синдикатите на пет јавни универзитети ќе протестираат поради непотпишување на колективниот договор