Од Сојузот на синдикатите на Македонија апелираат функционерските плати да се намалат за истите 78% за кои беа покачени пред повеќе од пет месеци по брза постапка.
Оттаму велат дека нема да треба многу време за да се направи измената на Законот бидејќи ССМ веќе доставиле предлог до пратениците кои, според нив, не се изјаснуваат по ова прашање веќе три месеци.
„Апелираме до Владата, да не бара изговори за процесот со намалување на функционерските плати, туку да го примени веќе воспоставениот принцип како кога носи закони на штета на работниците и со злоупотреба на европското знаменце, без широки консултации, без дијалог и без да се грижат за Одлуките на Уставниот суд како што тоа го направија за воведување на 72 часовната работна недела или пак сега кога сакаат да ја тргнат минималната плата од Законот за административни службеници и да достави до Парламентот предлог на Законот со кој ќе ги намалат функционерските плати за 78%“, стои во соопштението на ССМ.
Од ССМ велат дека со нивниот предлог се предвидува измена на „Член 11“ од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката. Со предлогот основицата за пресметување на платата би била минималната плата, а не просечната плата, како што е во моментов.
„Укажуваме дека работниците живеат од плата без право на храна и превоз, а добро е што конечно функционерите како Министерот за надворешни работи разбраа дека треба да се живее од плата, но нивните плати се колку 6 минимални плати, а имаат право на службени возила, обезбедување, ручеци, трошоци и други бенифиции“, додаваат од ССМ.