Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) преку соопштение апелираше итно да се регулира статусот на околу 4.700 наставници и стручни соработници во македонското образование, кои во моментот немаат правна сигурност на нивното работно место.
Според нив постои огромна потребата на работниците нивниот работен статус да биде регулиран со договори за вработување на неопределено време, а поради тоа нивното главно барање е договорите за вработување на определено време да бидат најмногу до една година, уште повеќе поради случајот со вработените во образованието кои зависат од одлуката на пратениците за решавање на нивниот статус.
„Поради недостатокот на заштита на работниците во образованието, ССМ ќе ги организира просветните работници во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија во еден нов прогресивен синдикат за образование кој секогаш ќе стои во одбрана на нивните работнички права, а работниците слободно ќе можат да ги искажат своите ставови и заедно со ССМ да ги остварат своите права. Со постапките на сите чинители во општеството потребно е заднички да придонесеме, работниците од образованието да се чуствуваат достоинствено и да не се плашат за сигурноста на своите работни места“, велат од ССМ.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, пак, ги повика наставниците да побараат објаснување од опозициските пратеници зошто се против законските измени кои ги блокираат во Собрание.
Според неа економската и правната сигурност на наставниците е на врвот на приоритетите на Владата.
“За жал, опозицијата продолжува да го блокира во Собранието овој процес којшто е од најголем интерес на наставниците, а со тоа и на учениците. Вчера бевме сведоци на неуспешно дискутирање на Комисијата за образование во Собранието кадешто опозицијата го блокираше повторно овој закон со кој се гарантира трансформација за повеќе од 4.700 наставници, коишто во моментот немаат правна сигурност на нивното работно место. Исто така, во овој закон стои и клаузула во којашто правно се заштитува понатаму девалвирањето на платата на наставникот затоа што за првпат се усогласува со минимална плата. Како минималната плата ќе расте, така ќе растат и платите на наставниците“, вели Царовска.
Таа посочи и дека законот уредува сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат
решение за трајно вработување, доколку ги исполнуваат предвидените законски услови.
„Законското решение овозможува професионален и кариерен развој за вработените во училиштата, како и следење и оценување на работата уште од првиот ден на стапувањето во редовен работен однос. Воедно, за прв пат законски се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници, со што се овозможува исплата на додатоците на плата за претходно стекнатите педагошки звања како резултат на успешност во работењето, додатокот за одделенско, односно класно раководство, за работа
во комбинирана паралелка и за работа во ридско-планинско подрачје, за кои во минатото имаше реакции дека не се исплаќаат од страна на училиштата“, посочува Царовска.