Синдикатот на Македонска пошта најави дека во соработка со вработените и со ангажирање на експерти ќе подготви нова систематизација што ќе ја достави до новата влада со барање истата да се примени веднаш по парламентарните избори. Синдикатот се жали дека на нивните повици за решавање на лошите состојби во Пошта не се одзвале ниту Управниот одбор, ниту Владата како основач на друштвото, пренесува новинската агенција Мета.
Поштата е на работ на егзистенција, изјави денеска на прес-конференција пред Владата синдикалниот лидер Боро Велигденов, додавајќи дека во прашање се доведени над 2.000 работни места.
Според него, важно е да не продолжи лошата кадровска политика и партизацијата, а како клучен проблем ја посочи токму систематизацијата.
„Нашата цел е да изготвиме нова систематизација која е согласно потребите на друштвото и на пазарот. Да ставиме акцент на технолошкиот процес, на обработка на пратките и сите тие аномалии и проблеми во работењето со таа систематизација ќе се надминат и ќе се позиционираме на пазарот. Ќе ја вратиме Македонска пошта на граѓаните, со редовна и навремена достава на пратки. Да нема повеќе работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места. Затоа е таа нова систематизација, да ја подигнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво“, рече Велигденов.
Тој истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по протестот од минатиот месец не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.