„Синовак“ омилена меѓу студентите – Радио МОФ во пунктот за вакцинација на УКИМ

Секој работен ден од 8 до 14 часот во кампусот на приземјето на Економскиот факултет во Скопје е отворен вакциналниот пункт за Ковид-19 за студентите. Таму секојдневно се вакцинираат по околу десеттина студенти, но медицинскиот персонал очекува бројката да се зголеми со почетокот на новата академска година.

Лекарката Ангела Димитриевска е дел од тимот кој ја спроведува вакцинацијата од 9 септември. Таа за Радио МОФ вели дека во периодот кој следува очекуваат да расте заинтересираноста за вакцинација на овој пункт.

„Може (н.з. да се вакцинираат) студентите на УКИМ и вработените, а може и сите заинтересирани граѓани да дојдат. Со тоа што тука мора да биде прва доза, а за ревакцина не примаме, мора во Борис Трајковски“, појаснува Димитриевска.

На младите на овој пункт им се нудат вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Синовак“. Димитриевска појаснува дека студентите претежно бираат со која од нив ќе се вакцинираат, но забележува дека помладите претежно ја сакаат вакцината од „Синовак“.

„Овој пункт е отворен за да биде попристапен за студентите, за да не мора да одат до Борис Трајковски или Јане Сандански, да биде блиску до нивниот факултет“, додава Димитриевска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Од Универзитетското студентско собрание претходно им порачаа на студентите да ја искористат шансата и да се вакцинираат, додавајќи дека студентите мора да почнат да приближуваат кон враќање назад во клупите.

Предавањата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оваа година продолжуваат да се одвиваат со комбинирана настава, односно онлајн и со физичко присуство. Сепак, одлуката за тоа како ќе се спроведува наставата е индивидуална на самите факултети.

М.К.