Припадниците на сириските безбедносни служби извршиле сериозни прекршувања на човековите права на бегалците кои се вратиле во Сирија во средината на 2017 година и пролетта годинава, се вели во извештајот на меѓународната организација „Амнести интернешнл“ (АИ) кој беше објавен денеска, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„Сириските припадници на безбедносните служби ги подложија жените, децата и мажите кои се вратиле во Сирија, на противправно или произволно притворање, мачење и друг вид злоставување, вклучително и силување и сексуално насилство“, се наведува во извештајот.
Организацијата документираше „сериозни прекршувања на човековите права“ против 66 лица, од кои петмина починале. Меѓу документираните случаи има 13 деца. Седумнаесетмина исчезнале без никаква трага.
„Амнести интернешнл“ ја повика Германија и другите земји да не ги депортираат сириските бегалци во земјата која е во граѓанска војна, дури и ако воените конфликти се намалат.
Исто така, тие нагласуваат дека сведоштвата покажуваат дека Сирија не е безбедна земја за враќање.
„Депортирањето луѓе во земја во која постои опасност тие да бидат киднапирани или измачувани е против меѓународниот закон“, рече Маркус Беко, шеф на АИ за Германија.