Сиромаштијата најмногу ги погодува младите

Дури 545.000 лица или 27,1 отсто од вкупното население во Македонија живеат во сиромаштија, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

ФОТО: РСЕ

ФОТО: РСЕ

Стапката на сиромаштија според возраста покажува дека во најлоша позиција се лицата до 17 години, каде стапката е 35,6 отсто, додека во групата од 18 до 64 години таа е на нивото од 25,9 отсто.

Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца е 23.8%. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни невработени лица изнесува 48.7%, додека стапката на сиромашни вработени лица е 10.0%.

Државниот завод за статистика, по спроведувањето на Анкетата за приходи и услови за живеење, која е во согласност со препораките на Европската унија, ги пресмета Лаекен индикаторите за сиромаштијата. Извор на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60% од медијалниот еквивалентен приход.

Според податоците на европската статистичка служба „Евростат“, Македонија е трета најсиромашна земја во Европа.