За постигнување на Целите за одржлив развој, сите чинители во Северна Македонија треба да посветат поголемо внимание и да вложат повеќе ресурси во човечкиот капитал, создавањето пристојни работни места, поттикнување на научните истражувања, како и да се работи на одговорно ползување на природните ресурси и поттикнување одржлива економија.
Ова го покажува Анализата на Целите за одржлив развој спроведена од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), а реализирана во соработка со 95 земји во развој, вклучително земјава, која содржи посебни извештаи за секоја од овие држави.
Во неа се потенцира дека стандарните практики за развој на овие држави, заради комплексните фискални и финансиски ограничувања, резултираат со јаглерод интензивни и неинклузивни исходи.
„На самитот на ОН за одржлив развој, УНДП повикува на меѓународна акција за остварување еколошки одржлив и инклузивен економски раст. Неопходно е преуредување на меѓународната финансиска архитектура и на домашните политики кои ќе им овозможат на земјите подобро да ги усогласат своите фискални и финансиски ресурси кон Целите на одржлив развој“, вели Ахим Штајнер, Администратор на Програмата за развој на Обединетите Нации.
Новите проекции покажуваат дека во последните три години, 72 од 95 држави ги зголемиле јаглеродните емисии, а кај 38 од нив тоа зголемување е дури за 10 проценти. Истовремено, само една од пет земји, го намалила нивото на сиромаштија од 2019 година, додека таа останала на исто ниво или се зголемила во 72 од 95 земји.
Делот од извештајот кој се однесува на Северна Македонија е достапен на овој линк.
Инаку во пресрет на Глобалниот собир за Цели за одржлив развој кој се одржува деновиве во Њујорк, минатата недела во Млади Хаб – Скопје се одржа дискусија за тоа како да се зголеми ангажманот на младите за постигнување за целите на Агендата 2030 за одржлив развој.
„Еден од чекорите за забрзување на постигнувањето на Агендата 2030 е репозиционирање на младите и
нивно пренесување од теренот на консултираната страна на нов терен како активни учесници во целокупниот процес“, истакна претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Филип Ивковски на дискусијата во која учествуваа околу 30 млади луѓе и претставници на семејството на ОН.
Улогата на младите е неопходна во заедничката акција за целите на одржлив развој