За охридскиот градоначалник Константин Георгиески, отстранувањето на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и исполнување на препораките на УНЕСКО, се дел од причините поради кои Охридскиот Регион доби уште една шанса и дополнителен рок за зачувување на Статусот на заштитено подрачје.
Тој упати благодарност до Комитетот на УНЕСКО, бидејќи како што вели објективно ја согледал целокупната состојба и успеал да ја препознае нивната волја и подготвеност да се соочат со „наследените катастрофални состојби“.
„Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките“, истакна охридскиот градоначалник.
Георгиески потенцира дека со поддршката на Владата на Република Северна Македонија и во соработка со сите надлежни институции се одлучни да стават крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас.
„Оваа можност сакам да ја искористам за да им порачам на сите еколошки организации, поединци и политички партии, кои беа наши дежурни критичари и секојдневно отвораа негативни теми во јавноста, во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес, на кој е посветена Општина Охрид“, рече тој.
Општината, соопшти тој, спроведува анализа и подготвува соодветен план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој најави дека ќе бидат консултирани граѓаните и сите туристички чинители.
Сепак, одлуката за природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност ги разочара еколошките организации. Според Охрид SOS, со ова македонските власти повторно добиле дозвола за уништување на Охридскиот Регион.
„Грижата, и целиот товар на исполнување на обврските кон УНЕСКО кои беа многу јасни уште од 2017 година, се исклучиво на македонските власти и македонските институции. Ова владејачко мнозинство имаше и време и имаше можност досега (ако сакаше) да направи комплетен пресврт во управувањето со регионот. Ама парите и моќта беа послатки“, се вели во нивната реакција.
44. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО се одржува во Фуџу, Кина.
Охрид SOS: Македонските власти добија дозвола за уништување на Охридскиот регион