Најголемиот трговски центар во Хрватска „Вестгејт“ предизвика бурни реакции низ земјата со нивните реклами во кои се повикуваат жените да дојдат на шопинг со „неговата картичка“, што голем дел од јавноста го сметаат за сексистичка кампања. На ова одговори Невена Црљенко, директорка на мултинационална компанија, која плати реклама на еден од билбордите во центарот на Загреб на кој има жена која во рацете држи платежна картичка со текст: „Сите гласат на мое име – ги пеглам секаде во светот, но не и во Вестгејт“.
Трговскиот центар пред еден месец низ државата постави голем број билборди со цитати на измислен 32-годишник Томислав Р. со негова изјава: „Повторно поштарот ми ѕвонеше во 7 наутро за пакет од неа, ќе ѝ ја земам картичката“, а во продолжетокот на истиот плакат се додава: „Дојди со неговата картичка во Вестгејт, ние нема да те издадеме. Брзо решение“.
Меѓу првите кои реагираа на оваа рекламна кампања беше популарната Фејсбук страница „Нашиот секојдневен сексизам“ (Seksizam naš svagdašnji), каде беше објавена критика за „Вестгејт“ и известување дека овие билборди ќе ги пријават до надлежните институции поради многубројните „родови стереотипи, понижување на жените, промовирање економско насилство и промоција на манипулативно однесување“.
Сепак, уште поконкретна реакција стигна од Црљенко, која револтирана од билбордите плати џиновски билборд со одговор на кампањата на „Вестгејт“.
„Секоја чест“, „Легенда“, „Генијално“, „Така треба“, се само некои од коментарите кои можеа да се прочитаат на социјалните мрежи.
Црљенко за Н1 изјавила дека во смислувањето и реализацијата на нејзината идеја ѝ помогнале двајца мажи, а за неуспешниот обид за хумор во кампањата на „Вестгејт“ вели: „Мислам дека е трагична. Лошо направена и навредлива, не само за жените, туку и за најголемиот број мажи кои здраво размислуваат“.
На прашањето зошто одлучила да реагира на ваквиот сексистички испад, Црљенко вели дека ова не е првпат хрватската јавност да сведочи на слични вакви настани.
„По реакцијата на јавноста повторно изостана реакцијата од нивна страна. Сметаат дека е дозволено да користат навредливи зборови и фрази без потреба да се извинат за тоа. Тоа беше капката која ја прели чашата“, објаснува директорката.
„Се надевам дека ќе го вербализираме она што всушност го мисли мнозинството – а тоа е дека треба да бидеме подобри кон оние кои се поинакви“, заклучува Црљенко.
Од „Вестгејт“ засега немаат коментар на билбордот на Црљенко и реакциите на јавноста.