Сите средношколци од 1 септември ќе добијат бесплатни билети за ЈСП, освен оние од приватните средни училишта

Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) информира дека учениците од прва година средно ќе ги добијат бесплатните билети во матичните училишта.

„Всушност, сега ќе им бидат дадени времени билети, кои во меѓувреме ќе бидат заменети со ‘Скопска’“, велат од ЈСП.

Учениците од повисоките одделенија, во случај да имаат потреба од нова персонализирана електронска картичка „Скопска“ (поради изгубена картичка и слично), нова/дупликат можат да обезбедат во кој било центар за персонализација на ЈСП Скопје.

„Притоа, неопходно е да достават потврда од училиште и да платат еднократен надомест од 200 ден за изработка на картичката. Потсетуваме дека средношколските билети за бесплатно користење на јавен превоз, важат за сите линии (градски и приградски) во период од 05 до 24 часот, односно, единствено не важат за користење на ноќни линии“, соопштуваат од Претпријатието.

Оваа информација се однесува само на учениците кои новата учебна година ќе ја започнат во јавните средни училишта во Скопје. Средношколците кои својот избор го направиле за приватно училиште и оваа година ќе продолжат да плаќаат доколку го користат јавниот превоз.

Претходно, Уставниот суд на крајот на јануари донесе одлука дека средношколците од приватните средни училишта и тие кои живеат на растојание помало од 2.5 километри имаат право на бесплатен јавен превоз според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и уставно е загарантирано постоење на еднакви услови за достапност до образование.

Ова беше една од главните заложби на претходниот претседател на Сојузот на средношколци Лука Павичевиќ, а со процесот продолжи и актуелниот претседател Берин Мухамед. Радио МОФ во текот на второто полугодие од претходната учебна година во неколку наврати пишуваше за тоа дека и покрај одлуката на Уставниот суд, учениците во приватните средни продолжија да плаќаат за „Скопска“.

Во меѓувреме и Град Скопје и Министерството за образование и наука (МОН) се прогласија за ненадлежни за да обезбедат средства.

Учениците од приватните средни и натаму плаќаат за јавен превоз – И МОН и Град Скопје велат дека не се надлежни да обезбедат средства

Од Град Скопје ни изјавија дека за да почне финансирањето на јавниот превоз за приватните средни, МОН треба да ја усогласи законската и подзаконската регулатива по Одлуката на Уставен.

„Освен тоа, Министерството е должно да обезбеди средства за Единиците на локална самоуправа кои организираат јавен превоз. Покрај наведените нужни претпоставки за реализација, Општините не поседуваат ниту бази на податоци за приватните средни училишта и немаат увид во тоа колкав е опфатот на корисниците на субвенции, која патем треба да ја обезбеди централната власт. Базите на податоци се во Министерството за образование и до сега не се доставени, а и кога ќе се достават, истите ќе треба да се ажурираат. Без исполнување на нормативно-финансиските предуслови и да се добијат прецизни информации за фискалните импликации по буџетот на градот не може да реализира“, рекоа оттаму.

Од ресорното министерство за Радио МОФ посочија на законските прописи според кои основачот на училиштето (Влада, општини, Град Скопје, домашно и странско физичко или правно лице) е надлежен за финансирање и организација на работата на училиштето, вклучувајќи го и бесплатниот превоз до училиштето.

„Од буџетот на РСМ се обезбедуваат само средства за финансирање на ЈАВНОТО средното образование“, истакнаа од МОН.

Сојузот на средношколци потврдува дека нема ништо ново на оваа тема, но оттаму велат дека ќе го постават како прашање на следната средба со претставниците на МОН. Единствено за ова реагираше Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во мислењето што го достави до Собранието, а кое се однесуваше на предлог Законот за средно образование чиј текст беше утврден во јануари годинава.

КСЗД препорача измена на членот 70 со што правото на бесплатен јавен превоз ќе го добијат и учениците од приватните средни училишта.

Забрана за сегрегација и бесплатен превоз за сите ученици се меѓу препораките на КСЗД по предлог Законот за средно образование

Ангела Бошкоска