Иницијативата Сите за МКЦ денес (7 април, недела) од 14 часот организира маалска дружба пред Младинскиот културен центар (МКЦ).
„За домашно имате две задачи: да понесете една или повеќе книги кои сте ги прочитале и од кои сте спремни да се збогувате и да се спремите да ни го раскажете вашиот омилен спомен од МКЦ Ако се чувствувате особено носталгични, можете да си понесете реквизити за да играме маалски игри заедно (ластик, фудбалски топки, карти, шах…) Се додека сме тука, МКЦ нема да умре! Да го задржиме духот на заедништво и да се подружиме пред нашиот драг културен центар! Да им покажеме што било, е и ќе остане наше!“, се вели во најавата.
Ова е втор собир/дружба пред МКЦ откако новиот директор Бени Шаќири тврдеше дека ангажманот на хонорарците мора да биде прекинат до крај на изборите, додека вработените и Синдикатот за култура аргументираа поинаку – забраната за изборите не важи ако хонорарците се исплаќаат од сопствен приход, како во случајот со МКЦ.
Ситуацијата за МКЦ значи дека нема да се ангажираат лица за предавање во Планетариумот, лица за техника, програмски активности и организатори на настани, бифето е затворено, а затворена е и култната продавница „Ап(о)тека“. Со ова, МКЦ остана преполовен со вработени и персонал, па, освен неколку концерти каде посетителите си носеа пијачки од дома, замре секојдневниот културен живот, изложбите, претставите, разните настани, детскиот дел… Затоа се појавија и толку реакции во јавноста, особено од млади и посетители што гравитираат или живеат во симбиоза со Центарот.
Сите за МКЦ беше активно и ланската година, кога најпрво во јануари се случи музичко-протестниот собир пред МКЦ, каде стотици млади порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа“. Таквото движење „Сите за МКЦ“ се роди откако Центарот реагираше дека програмскиот буџет значително им се крати, а дотогашниот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција бидејќи не подлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување токму за сегашниот директор Бени Шаќири.
Иницијатива Сите за МКЦ: Во недела после долго време молк се враќаме пред МКЦ