Откако на протестниот музички собир во неделата за неколку часа беа собирани над 1.000 рачни потписи, сега неформалното здружение „Сите за МКЦ“ објави и онлајн петиција против намалување на буџетот и политизирање на МКЦ.
„Знаеме дека борбата не завршува овде. Затоа решивме да ја објавиме оваа втора онлајн петиција за да може да се слушне гласот на граѓаните кои не беа во можност да дојдат на нашиот настан и гласот на сите кои сакаат да изразат солидарност со оваа кауза“, посочуваат од „Спас за МКЦ“.
Петицијата се поднесува до советниците на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
„Ние, како здружение Сите за МКЦ, се залагаме за понатамошното нормално функционирање и фер финансирање на Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје како институција од важен јавен интерес. МКЦ е дом на голем број уметници, музичари, актери, филмски и културни работници и уште многу наши сограѓани кои редовно ги посетуваат настаните во оваа институција. Тој има 50-годишна традиција и во 2022-та година ја доби наградата ‘13 Ноември’ за особени достигнувања во културата“, се вели во петицијата.
Од здужението посочуваат дека дел од настаните кои се организирани во просториите на МКЦ се Cinedays, Mлад отворен театар, Makedox, ЗДРАВО МЛАДИ, Земјотрес и многу други. Оттука, посочуваат дека со буџет од 2 милиони денари голем дел од овие настани едноставно не би можеле да се одржат, а без адакватно финасирање на оваа институција, културата станува помалку достапна за мнозинството граѓани.
„Така што, ние сметаме дека кратењето на 92% од буџетот на МКЦ е крајно неприфатливо и бараме оваа одлука да се повлече во најбрз можен рок“, посочуваат од „Спас за МКЦ“.
Затоа и првото нивно официјално барање е да се врати буџетот на МКЦ на истото ниво на кое до сега бил финансиран со години наназад.
„Невозможно е МКЦ да продолжи да функционира и да организира настани со истиот капацитет доколку буџетот на оваа институција е намален за поразителни 92%. Бараме итно да се врати буџетот на МКЦ (без Кино Милениум) на 25 милиони денари. Ова би се постигнало преку механизмите на прераспределба на средства од буџетска ставка и ребаланс на буџетот“, велат од здружението.
Како второ официјално барање е да се спроведе фер и коректен конкурс за избор на директор, на кој, како што велат, ќе се избере најквалитетниот професионален профил кој ќе се пријави на истиот.
„Никола Алексов, дипломираниот детектив кој е моменталниот в.д. директор на МКЦ, не бил примен во МКЦ Според член 31 на статутот на МКЦ, секој кандидат за в.д. директор мора да е компетентен и квалификуван кадар одбран исклучиво од редот на вработените во институцијата. преку регуларен конкурс, туку два дена претходно преку Агенција за привремени вработувања. Дополнително, тој нема никакво искуство и позадина во културна институција“, стои во петицијата.
Од „Спас за МКЦ“ потенцираат дека со потпис на оваа петиција, граѓаните непосредно ги застапуваат горенаведените барања.
Инаку, „Спас за МКЦ“ е неформално здружение на музичари, уметници, активисти, филмски и културни работници, кои велат дека се борат за зачувување на еден од последните јавни културни простори каде можат слободно да се изразуваат.