Специјалното јавно обвинителство денеска најави нова истрага под името “Тврдина” во која се осомничени двајца началници на оддели при Управата за безбедност и контраразузнавање и тогашниот министер за внатрешни работи.
Според СЈО, тие во првата половина од 2015 година заедно со искористување на службената положба и овластување и со пречекорување на границите на нивното службено овластување, со умисла помогнати од осомничениот Началник на една од единиците во Управата, ги уништиле системите за следење на комуникации, со што нанеле штета на средствата на државата и Буџетот на Македонија во износ од 10 милиони евра.
„Осомничените лица делувале исклучиво од позиција на службени лица, искористувајќи ја својата службена положба и овластување и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување“, изјави обвинителката Ленче Ристеска за случајот.
Според СЈО, првоосомничениот заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите при УБК, издал усна наредба до раководните лица на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно техничка поддршка на операции за доставување на Известување за состојба на материјално технички средства во Управата за безбедност и контраразузнавање.
Наредбата, според СЈО е дадена по донесување на пресудата од Основниот суд Скопје 1 каде е утврдено дека незаконското следење на комуникациите е вршено преку искористување на уредите за прислушување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при МВР.
„Ваквата наредба била дадена со цел да се прикаже наводна потреба од ништење на системите за следење на комуникации, иако согласно Извештајот од пописот за 2014 година не е констатирана потреба од расходување на средства или системи по било кој основ“, изјави Ристеска.
Специјалната обвинителка Катица Јанева за неовластеното пуштање на социјалните мрежи на приватни разговори помеѓу одредени сегашни и поранешни функционери, ги повикува засегнатите поединци да дојдат во специјалното обвинителство за да се поведат соодветни кривични постапки.
Целото соопштение од прес конференцијата на СЈО може да го погледнете на следниот линк.