Сите авторки и автори кои имаат став на тема „Поларизација“, може да се пријават на отворениот повик на „Скала Магазин“.
Оттаму соопштуваат дека уметничките дела можат да бидат во кој било визуелен медиум, односно видео арт, сликарство, фотографија, илустрација, графика, скулптура, дополнувајќи дека секој заинтересиран може да пријави максимум три дела.
„На конкурсот ќе бидат разгледани исклучиво дела кои ја обработуваат темата ‘поларизација’ и дела кои се создадени во временски период помеѓу 10 март и 10 април, 2022 година. Сите дела кои се надвор од овие рамки ќе бидат дисквалификувани. Aвторите ќе имаат можност да ги продаваат своите изложени дела на Скала продавница“, велат организаторите.
Организаторите соопштуваат дека нивна е обврската да ги отпечатат и врамат делата, како и да ги изложат во галериски простор, а за потребите на изложбата ќе отпечатат и мал каталог и ќе организираат пригоден коктел за отворањето.
„Скала Магазин“ е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.