Домот на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци на 11 ноември од 12 часот ќе биде домаќин на проектот „Склуптури од сапун со лаванда и друга диворастечка флора“, кој се реализира преку Здружението на органски производители „Биовита“ во соработка со КСП ПОДИУМ – ЈАДРО Кавадарци.
Според организаторите, целта на овој проект е спој на природните ресурси и уметниците.
Се работи за иницијатива на визуелната уметница Симона Манчева во соработка со Ристо Јосифовски – Ромбо, Игор Јосифов, Ружица Јосифовска, Томи Соколов,Трајче Јованов, Ања Илиева, Никола Михов, Петар Петков и Дарко Алексовски.
„Со сапунот изработен на традиционалент и современи начин, уметниците креираат скулптури – минијатури, кои го облагородуваат просторот со природен мирис од лаванда и имаат функција на разубавување и освежување на амбиентот, додавајќи му на сапунот уметничка вредност со специфично значење – Негување – Природа – Уметност“, се вели во најавата.
При создавањето на овие минијатури од сапун, со сув цвет од лаванда и друга диворастечка флора (мајчина душичка, маточина, диво нане, ајдучка трева), користено е масло од лаванда и лавандова вода.
„Учесниците во овој проект при креирање на скулптурите имаа можност да се запознаат одблиску со природата, нејзиното зачувување, истовремено, инфомирајќи се за значењето на органското производство, важноста од неговата примена во земјоделието, заштита на животната средина и зачувување на традиционалните вредности. При активноста оваа година се применува процесот – Сапунификација на современ начин додека минатата година се работеше со Сапунификација на традиционален сапун“, стои во најавата.
Организаторите велат дека работилниците се реализираа за време на летниот период на висрамнината Витачево – Кавадарци. Поради мерките за безбедност и заштита од Ковид-19 бројот на учесници на работилниците беше ограничен, а моделирањето на сапунот се одвививаше во приватни простории.