Скопјанка доби прекршочна пријава за бришење графит со говор на омраза

Скопјанката Гордана Пирковска Змијанац заработи прекршочна постапка затоа што бришела пораки со говор на омраза, а на нивно место пишувала зборови за љубов и мир.

Таа во својата реакција на Фејсбук вели дека побарала помош во полициска станица во Ѓорче Петров, но наместо да ја поддржат тие ќе ја судат.

Во документот што го добила, се наведува дека прекршочната постапка се однесува за „оневозможување за користење или оштетување на јавни згради, јавни чешми, извори, плажи, паркови или други јавни објекти и инсталации.“ Ова според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир може да резултира со парична казна од 100 до 400 евра.

Пораката „смрт за шиптарите“, Пирковска Змијанац ја заменила со „смрт за омразата“ и ,,љубов за сите“. Вели идејата било да испрати мирољубива порака. Таа сe надева оти правдата ќе победи и дека МВР ќе ја повлече прекршочната постапка.

„На своја иницијатива, го бришев неколкупати со спреј и местото каде пишуваше ,,шиптарите“ го прекривав со црн спреј а допишував мирољубива порака, но секогаш кога ќе го направев тоа, набрзо осамнуваше нов графит со истата содржина/порака“, раскажа скопјанката.

„Бидејќи се повторуваше истото, односно секогаш кога ќе го покриев говорот на омраза, повторно осамнуваше насилната порака, тој ден, 01.08.2018 решив да побарам институционална поддршка, но наместо тоа, добив лекции од страна на службените лица кои ме примија и од инспекторите кои си дозволија да ме третираат како жена криминалец, а за нивната дрскост во поглед на моите ставови дека јас како Македонка треба да реагирам прво во својот двор, Албанците во својот, да не зборам што се не се изнаслушав. Се чувствував нападната, како да сум направила зло, тежок прекршок…Ми дадоа веднаш да ја потпишам прекршочната но јас одбив и не верував дека е можно да поведат прекршочна постапка наместо да помогнат во она што го барав, да направат почести патроли на тоа место и да ги пронајдат тие кои шират говор на омраза“, вели Пирковска Змијанац во својата ФБ реакција.

Таа посочи дека говорот на омраза е кривично дело и дека ваквите пораки се честа појава низ градот.

„По се ова што ми се случува јасно ми е зошто во Македонија нема пракса за санкционирање на говорот на омраза во правосудството. Се чини дека поголем дел од вработените не го препознаваат, не се сензибилизирани, полни се со омраза кон различните, по етничка или која било друга основа“, реагира Пирковска Змијанац.