Неформалната група „Да го спасиме Водно“ на 17 ноември ќе организира марш, кој има цел да ја рашири веста за урбанизацијата на Водно и да се спротивстави на насилното уништување, како што велат оттаму, на белите дробови на Скопје. Собирно место за маршот е училиштето „Кочо Рацин“, во 10.30 часот.
Југослава Дуковска, претставничка на групата „Да го спасиме Водно“, во интервју за Нова Македонија
Со какви активности се обидувате да го спасите Водно?
– Активностите секојдневно се осмислуваат, а се надевам дека ќе се реализираат и на терен. Преку социјалните мрежи има доста различни идеи за тоа на кој начин да се заштити т.е. да се спаси Водно од уништување преку урбанизација. Но основната цел ни е да се анимираат што поголем број засегнати луѓе, иако практично сите сме засегнати, да допреме до оние на кои им значи ова мало парче шума што остана да го штити градот од загадување и да го обновува кислородот, до сите оние што чувствуваат дека со уништувањето на овој зелен појас им се откорнува дел од сопствената душа. Треба конечно да ни проработи совеста, затоа што на два километра од централното градско подрачје имаме планина чии благодати треба да ги користиме и да бидеме благодарни. Пријатели од други држави кога доаѓаат во Скопје, ни истакнуваат дека треба да бидеме среќни што во непосредна близина имаме планина на која во секое време може да уживаме и во која можеме барем за миг да избегаме далеку од градскиот метеж и од секојдневниот стрес.
Кои се очекувањата за иднината на Водно? Предвидувате ли спречување на урбанизацијата?
– Во овој момент сѐ уште не знаеме за чиј интерес и профит се уништува Водно, кое се нарекуваше „парк-шума“, и тоа требаше да подразбира некаков степен на негова заштита од урбанизација. Сосема е можно нашата борба за спас на Водно од многубројните градежни зафати што веќе му се случуваат и од другите што веќе се најавени, да биде борба на „Давид против Голијат“, но би сакале надлежните градски и државни власти да одговорат дали баш по секоја цена Водно мора да биде уништено и за чии интереси се прави тоа. Сметаме дека секој мора најпрвин да се избори сам за себе, почнувајќи од борбата со сопствената свест, ослободување од стравот и кревање на гласот. Не смееме да го премолчиме ова, затоа што молчењето овозможува злото да се зголемува, а историјата е преполна со такви примери. Искрено се надеваме дека токму граѓаните на Скопје ќе успеат да ја спречат претераната урбанизација на Водно.
Кои настани ве поттикнаа да се здружите и да реагирате?
– Пред две недели излезе веста дека на Средно Водно, под Марково Крувче, веќе се сече шума, се минираат карпи за правење нов пат, кој ќе ги поврзе Сопиште и Сончев Град со Скопје. Триесетина луѓе минатата сабота се собравме самоиницијативно, се договоривме преку Фејсбук и отидовме на самото место, каде што имавме можност да се увериме дека изградбата на голема и широка сообраќајница веќе е во поодмината фаза, се минира теренот и се сечат големи површини од насадена борова шума од другата страна на Водно. Трасата на тој пат потоа продолжува на скопската страна на Водно, каде што треба да се исече и да се уништи доста шума. На социјалните мрежи се појавија доста револтирани коментари, написи и истовремено и повици за спас на Водно. Така беше креирана оваа група, каде што на предлог на повеќемина се дојде до идејата за организирање протестен марш за спас на планината.
Дали сте реагирале до некои надлежни институции? Што планирате во иднина, по најавениот протестен марш?
– Досега не сме се обратиле до ниедна надлежна институција. Сѐ уште реагираме како граѓани, како индивидуи што се незадоволни од уништувањето на планината. Сакаме да слушнеме колку што е можно повеќе луѓе, да видиме колкав број од нив мислат како нас. Потоа, секако, ќе преземеме одредени активности, пред сѐ иницијативи до надлежните органи (градот Скопје, општините во градот Скопје, надлежните министерства и Собранието на РМ). Во таа насока ќе побараме сите идни најавени градења да бидат трајно одложени, тука пред сѐ мислам на скијачките терени, патот од врвот накај Матка, кулата на АЕК и сето друго што трајно ќе ја уништи планината.
Како би изгледал главниот град без Водно? Дали на Водно, какво што е сега, му недостига нешто?
– Не сакам ни да замислам како би изгледал главниот град без Водно. Веројатно би бил како Пекинг зиме, уште позагаден и по 3-4 месеци обвиен со тежок смог. Лете со константна температура од 45 степени во сенка. На Водно ништо не му недостига, недостига поголема свест кај луѓето за одржување на чистотата, кај надлежните органи („Македонски шуми“/„Паркови и зеленило“) за одржување на парк-шумата. Недостига свест и кај Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и планинарските друштва за редовно одржување на планинарските патеки и реакции на секое нагрдување на планината, но стравот и молкот ним им се водечки принцип.
Извор: Нова Македонија