Skopje Creative Fest го најавува својот летен фестивал, кој треба да се одржи на 17 август на Школка во Градскиот парк во Скопје.
„Овој енергичен настан има за цел да ја прикаже безграничната креативност на младите поединци во различни уметнички дисциплини, вклучувајќи пеење, танцување, стенд-ап комедија, цртање, поезија и правење филмови“, се вели во најавата.
Организаторки на фестивалот се алумни на програмата „Kennedy Lungar Youth Student Exchange“, Николија Златевска ’23, Исидора Стефановска ’22, Тара Џеладин ’24 и Емилија Крстевска ’22. Фестивалот е создаден на волонтерска основа, охрабрувајќи ги заинтересираните млади да учествуваат во организирањето на настанот.
„Инспирирани од уметничките искуства во САД, организаторите имаат за цел да создадат слична атмосфера во локалната заедница. Нивната цел е да соберат што е можно повеќе уметнички и невладини организации за да соработуваат и да бидат дел од публиката. Со комбинирање на организациска експертиза, креативна визија и стратешки партнерства, Skopje Creative Fest се стреми да остави трајно влијание врз локалната заедница и да поттикне обновена благодарност за неограничениот дух на креативност“, велат од организацискиот тим.
Фестивалот се организира по вторпат, надоврзувајќи се на успехот на минатогодишниот мини-фестивал.
Skopje Creative Fest се реализира во соработка со низа организации, меѓу кои Еквалис, МајндЛипс, Волонтерскиот центар Скопје, Младинскиот образовен форум (МОФ), Мрежата Стела, Младинскиот совет на Амбасадата на САД, Училиште за слепи – Димитар Влахов, многу универзитети, како и Американското катче Скопје.