Град Скопје заедно со екипи од јавните претпријатија денеска ја промовираа новата биокомпостара за ефикасно компостирање на органскиот отпад.
Kомпостарата, како што истакнуваат од Град Скопје е дел од системските решенија за третирање на биоразградливот отпад и произведување природно ѓубриво за зелените површини во градот.
Истовремено, со биокомпостарата, тие додаваат дека се овозможува ефикасно решение за справување со проблемот со органскиот отпад за домашна, комерцијална и индустриска употреба, при што низ процесот на компостирање, сите видови органски отпад се претвораат во висококвалитетен компост.
„Оваа нова автоматска биокомпостара е со капацитет на преработка од 1000 килограми биоразградлив отпад за 24 часа и со користење на еко аеробен метод при што се добива високо квалитетен компост подготвен за употреба во рок од 3 до 7 дена. Со овој начин на третирање на отпадот, значителено се намалува неговиот волумен, односно 1000 килограми био отпад се трансформира во 150 до 200 килограми компост, што е намалување на волуменот за 80 до 85 проценти, со што се олеснува процесот за негово користење и складирање. Исто така, со процесот на компостирање значително се намалуваат трошоците за управување со отпадот, со тоа што од органскиот отпад се добива висококвалитетен компост за соодветна употреба во скопските јавни претпријатија“, соопштија од Град Скопје.