Скопје ќе остане загушено со згради, ако новиот ГУП ги повторува грешките од минатото

Генералниот урбанистички план е личната карта на Скопје, ама му е формално истечена и не се знае кога ќе му биде сменета. Се’ поблиску, ама сепак далеку. Радио МОФ веќе истражуваше и објави дека новиот ГУП (2022-2032) доцни, моментално е направена само Документационата основа, додека Планската програма допрва треба да биде разгледувана од партиципативното тело, кое како граѓански механизам е заглавено во Град Скопје. Скопјани ќе почекаат и на изработка на Нацрт-планот, па тек потоа да следи јавна и стручна расправа и ревизија, процес што може да потрае најмалку неколку години. Меѓувремено, експерти и активисти бараат да не се повторат грешките од минатото, кои ги има бааги, за да може и новиот ГУП да има поинаква улога. Град Скопје и сите вклучени да биде транспарентни во процесот, да се почитуваат стандарди и да не бидат само мртво слово на хартија, туку ГУП-от да донесе похуман и поодржлив третман на Скопје. 

Градежништвото во изминатите децении се наметна како сериозен проблем. Додека низ јавниот дискурс се појави фамозниот слоган „битно се гради“, градежните моќници преку слаби институции си го „билдаат“ тоа како ПР момент. Не дека главниот град не треба да се развива, туку познавачите велат дека тоа треба да биде контролирано и не на сметка на загушени јавни површини, закочен сообраќај и узурпирано зеленило.

Исто влијае и на воздухот, особено што Студијата спроведувана преку програма на УНДП покажа дека градежништвото е сериозен учесник во аерозагадувањето. Високите градби ги менуваат микроструењата и прават „кањони“, а минералната прашина од градежните активности, без соодветна контрола – се разнесува насекаде, па овој извор може да учествува и со 30-40% во загадувањето.

Загрижувачки се и податоците што укажуваат дека некаде се гради само колку да се гради и да се акумулира профит. Според последниот попис, околу 60 илјади станови во главниот град зјаат празни, или корисна површина од близу 4,5 милиони квадрати. Бројот на станови во Скопје пораснал за 30 отсто за две децении, а во истиот период, бројот на жители се зголемил за само три отсто.

Исто така, ДЗС објави дека лани низ цела Македонија била завршена изградба на 3.844 станови, од кои 3.714 се во државна сопственост. Повеќе од половината се во Скопскиот регион (2.107), додека во одредени градови и региони (Демир Хисар, Крушево, Дебар, Ресен, Кратово…) речиси и воопшто да не се градело.

Ваквите податоци изминативе години му даваат значење токму на Генералниот план, особено во балансирање и утврдување на приоритетите на урбанизмот од аспект на економска, еколошка и културна одржливост.

„Имено, жителите не треба да бидат избркани од Центар, туку напротив ти ја даваат посакуваната живост и пријатност на просторот и треба да им се обезбеди висок квалитет на живот. Она што е видно е и неуважувањето на капацитетот на просторот од аспект на прифаќање функции или содржини, обезбедување јавни простори, паркови, игралишта, шеталишта. Како поголем проблем се појавува и нејасната намена на одредени простори кои не ги следат досегашните линии на развој, па се појавија случаи каде има доминантно и резистентно домување да е планирана пренамена во комерцијални намени и обратно, или слободен простор во густо изграден, како на пример кај Маџир маало или кај Старата железничка станица. Огромен проблем е и нереализираната сообраќајна мрежа, зацртана уште во 1965 година, која од различни причини не е до денес реализирана, а која веќе не одговара на современите барања за одржлива мобилност во градовите од 21 век“, забележуваат од иницијативата Шанса за Центар, посочувајќи дека е потребно е да се воочат грешките или конфликтните ситуации и да се заземе сосема друга позиција од онаа на која сме научени во урбанистичкото планирање.

Архитектот Бошко Видоески нагласува дека Просторниот план на Македонија се грижи за рамномерен развој на државата, меѓутоа ГУП-от на Град Скопје, иако е план од понизок ранг, може да даде рестрикции преку кои ќе го намали концентрирањето на население во главниот град и нема да ги исполни максималните капацитети предвидени во Просторниот план.

„Планот не е само цртеж во кој пробивате и консолидирате сообраќајници. Имам впечаток дека како и секое друго планирање во Македонија, така и генералното во Скопје, е подведено на некоја инерција, особено од независноста до денес. По инерција се решаваат сообраќајници, се пресметуваат број на жители, по инерција се мешаат намени со цел да задоволат различни страни, по инерција се пресликуваат решенија од претходните планови“, забележува тој.

Фото: Радио МОФ

Од друга страна, вели Видоески, начинот на финансирање на општините е проблем при секое планирање – и сѐ додека нивниот буџет во најголема мера се полни од надоместокот за уредување на градежно земјиште, популарните комуналии, секогаш ќе се оди на зголемување на површините на градба.

„Поразително е што стремежот за обезбедување на повеќе станбени квадрати во деталните планови, неизбежно влијае на размислувањата и на планерите на плановите од повисоко ниво, иако планираат план од повисок ранг, а не ДУП. Како да чувствуваат притисок да зголемуваат население по секоја цена кај одредени градски четврти. Во секој случај, надлежните институции се должни да го испитаат степенот на реализација и спроведување на планот“, посочува Видоески.

Од иницијативата Борба за Влае велат дека постоечкиот ГУП, конкретно за Влае, прави неколку проблеми. Предвидува многу малку зеленило, само еден тенок појас покрај Вардар, не го задржува ни постоечкото во целост со нацртана зона.

„Предвидува објект за основно образование односно го задржува училиштето ‘Димо Хаџи Димов’ со симболче за училиште, но не и со нацртана зона! Со тоа остава простор да се пробива улица низ школскиот двор во иднина. Исто така овој ГУП не предвидува локација за градинка во населбата иако и предвидува минимум 9.750 жители, а со линиските центри уште повеќе“, се генералните забелешки за Влае 2.

Бетонски „чудовишта“ градени како „линиски центри“ 

Линиските центри што ги споменуваат Борба за Влае се голема болка. Ама и реален проблем. Преку ГУП за Скопје 2012-2022 се прави упад, односно со членот 37 од планските одредби, е исцртана „мала врата“ низ која можат да се протнат и изградат огромни бетонски зданија покрај самите улици, без тие да влезат во параметрите на градска четврт за број на жители, густина на население и разни инфраструктурни потреби – со што прават големи штети на квалитетот на живот.

Според Шанса за Центар, терминот „линиски центри“ е вграден во ГУП со една благодарна идеја, прифатена од искуствата на други градови, каде на потезите на поранешните железнички и патни коридори, кои се отстрануваат или се преместуваат под земја, се „погустува“ градот и се проектираат нови современи содржини.

Такви примери, велат тие, гледаме во Торино, Милано, Будимпешта и слично. Некои се успешни, некои и не. Но, кај нас оваа идеја се извитопери до невидени размери и се искористи за „укрупнување и погустување“ кое ни го уништува градот.

„Такви се потегот кај Старата железничка станица, Ново маало (кај поранешниот паркинг спроти Холидеј Ин), но и сите рабови на градските четврти каде периметрално се градат висококатници. Најстрашно е што најбезобразно се манипулира со ‘линиските центри’ поради тоа што за нив не се пресметуваат параметри дадени во ГУП-от за секоја градска четврт, туку се проектира зависно од финансиската моќ на инвеститорот. Прашањето е како кога не се земаат во обѕир развиената површина, бројот на корисници, се пресметува потребата од вода, канализација, струја, пратечки содржини“, забележуваат од Шанса за Центар.

Член 37
Долж примарната сообраќајна мрежа во планската документација од пониско ниво, се дозволува по целата должина на сообраќајниците да се планираат линиски центри со намена А, односно Б, односно В, или големини кои со своите параметри не влегуваат во нумеричките показатели на четвртта на која и припаѓаат. Линиските центри треба да претставуваат логична целина со длабочина во четвртта до 25м., од обете страни на сообраќајниот коридор со можни тремови кои можат да излегуваат и надвор од регулациските линии коишто ја дефинираат сообраќајницата, но не преку линијата на пешачкиот дел од сообраќајниот профил

Како линиски центри, блокови долж булевари чии параметри не влегуваат во четвртите во кои припаѓаат, еко-активистката и советничка Невена Георгиевска ја споменува „Настел“ во Карпош, но и зградата на Мајчин Дом во Аеродром. Поради потребите на новонаселените аеродромци, објектот на „ЗСФ-КОМ“ што веќе се изради врз децениско зеленило, по вселувањето влијаеше и позадински зелен простор да се претвори во паркинг. Тоа го покажува и следниот слајдер (лево-десно):

„ДУП-ови сега што ни доаѓаат на гласање и разгледување – се ДУП-ови што вклучуваат такви линиски центри. На пример, во Карпош имаме линиски центри на булевар ‘Илинден’, исцртани според ГУП од 2012 година. Ние баравме овие линиски центри да се тргнат од текстуалниот дел на ГУП-от, меѓутоа, не наидовме на слух. Тоа би значело само, додека не се донесе новиот ГУП, тековниот да биде без овој додаток во текстуалниот дел. Значи, не беше некоја голема промена во однос на целиот ГУП. Сега, како граѓани не можеме да се вклучиме да видиме кои се промените и на што се однесуваат, а имаме огромни забелешки во однос на последиците што ги носат, кои се надвор од нормалното и хумано живеење“, забележува активистката од Независни за Карпош и 02 Иницијатива.

Радио МОФ разговараше и со професорот на Архитектонски факултет, Слободан Велевски. Тој заедно со свои колеги учествуваше во изработка на Планската програма за новиот ГУП (2022-2032), која уште лани е предадена во Град Скопје, но се’ уште не е разгледана, бидејќи е заглавено партиципативното тело.

Додека од Градот изоставуваат информации за усвојувањето на Планската програма, Велевски објаснува дека во неа е интегрирана студија каде тој образложува зошто овие линиски центри треба да се укинат. Ги карактеризира како „големи чудовишта што прават страшни проблеми“.

„Замислете, планирате инфраструктура, различни намени, број на жители во одредена четврт, и наеднаш донесувате уште една мега структура која е надвор од тие параметри. Линиските центри се екстериторија. И затоа треба да се укинат, да гледаме да не се повторат! Тоа го образложувам во студијата. Даваме осврт, а има и други работи на кои треба да бидеме внимателни, особено на сегментот на градски центри. Гледате кај нас се градат шопинг молови насекаде. А, кој размислува како ќе функционираат по изградбата, каква е нивната разместеност во градот и слично? Генерираат поголеми проблеми, освен што ќе зјаат празни. За две-три години добар дел од нив ќе се ‘амортизираат’, еве веќе постарите шопинг центри со отворање на новите губат темпо на работа. Тоа е јасно, додека ние ги произведуваме како Скопје да е трипати поголемо“, забележува Велевски, дополнувајќи дека во очекување на процесот за ГУП-от, ќе биде достапен да помогне на проектантите и планерите за ваквите тематики.

Регулациските планови носат проблеми 

За уште еден аспект што се провлекува како проблем изминативе години – регулациските планови – зборува активистката и советничка на Зелен хуман град (ЗХГ), Драгана Велковска.

Според неа, регулациските планови се тип на планска документација воведена за брзо менување на ГУП по нечија приватна потреба. Усвојувањето на таа документација не опфаќа никаква вклученост на јавноста, ниту пак, вели таа, се бараат мислења од институциите како дел од процедурата.

„Поради тоа настануваат многу грешки и поради тоа ваков тип на планска документација веќе не постои во новиот Закон за урбанистичко планирање. Декларативно – целта на регулациските планови според претходното раководство на Град Скопје беше да ги зачуваат зелените појаси во рамки на деталните урбанистички планови онаму каде што во ГУП-от беше испланирано малку или воопшто зеленило на пример, да го приоритизираат квалитетот на живот, а не апетитите на урбанистичката мафија, но во реалноста се случуваше токму спротивното. Фактички, минатото раководство на Град Скопје целосно ја злоупотреби оваа можност од стариот закон и носеше штетни регулациски планови со брзина на светлината. За четири години донесоа вкупно 45 регулациски планови, од кои четири ги укинаа, а штетите допрва ќе ги гледаме“, децидна е Велковска.

Локални граѓански групи и експерти на подрачјата кои беа предмет на разни регулациски планови бурно реагираа. Особено беше актуелен примерот со Влае.

Тамошната иницијатива Борба за Влае вели дека, практично, со регулациските планови низ цело Скопје се стимулираше приватни инвеститори да финансираат изработка на мали „ДУП-чиња“.

„Од пракса, најчесто ова била целта на носење на регулациски планови. Но кога се работеше за јавен интерес, за ‘Треска’ на пример, не се донесе регулациски план за побрзо да се смени планот за ‘Треска’. Интересно, нели? Ваква потреба за цепкање на четвртта на блокови за инвеститор да финансира помалку, немало за СЗ 19 (Влае 2). Општина Карпош веќе работи ДУП за цела четврт од многу одамна, а регулацискиот беспотребно е донесен во 2021 година. Реално, немало потреба од регулацискиот заради наводното финансирање по помали блокови. Значи нешто друго е мотивот“, посочуваат од Борба за Влае.

Во Влае 2 се донесе Регулациски план кој овозможува промена на трасата на улицата „Есперанто“. Истото би го овозможил ДУПот, чија презентација е најавена од Општина Карпош од 24-30 овој месец.

„Со донесување на регулациски план се отвораат можности за урбанистички проект за промена на трасата на улицата. А промена на трасата на улицата е потребна за окрупнување на парцелата за изградба на кули кај поранешно Кино Влае. Локацијата каде во моментов се наоѓа ул. ‘Есперанто’ би била државно земјиште кое е слободно за окрупнување на градежната парцела. Градбата не би можела да се случи без донесен ДУП, но преку регулацискиот план нема да треба да се чека на изведба на улицата и откупување на земјиштето. Се може да се изведе со овој политички ешалон на власт, за самата градба да може да се одвива без пречки независно кој ќе биде на власт во општината“, забележуваат од Борба за Влае.

Џабе нов ГУП, ако профитот е на смета на јавниот интерес

За Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ) нема сомнеж: постојат многу примери во градскиот простор преку кои потфрли политиката на планирање и менаџирање.

Тие како струково здружение сметаат дека независно од стратешкиот плански документ -ГУП кој е во сила, било сегашниот или идниот, нема да бидат исправени погрешните одлуки за развој на одредени градски простори, доколку не се смени пристапот на нивно решавање кај тие кои ја имаат моќта за клучните одлуки.

„Дури и сегашниот ГУП во сила доколку се применува преку принципите на доследност на струката, транспарентност, идеја и визија за современ и хуман развој, од него може да се произведат квалитетни решенија. Обратно од сето ова, ниеден иден, па макар и најдобро креиран плански документ не може да помогне доколку на пиедестал се ставени тие кои развојот го гледаат исклучиво преку призма на максимален профит на сметка на јавниот интерес, барајќи ја ‘празнината’ во Законот“, велат од Асоцијацијата.

Продолжува…

Бојан Шашевски, Мартин Колоски, Ангела Бошкоска
Техничка обработка: Даниел Евросимоски 

*Со овој текст, Радио МОФ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада. 

**Првиот дел од серијалот текстови поврзани со Генералниот план може го прочитате ОВДЕ, а третиот – ОВДЕ