По повод 60 години од скопскиот земјотрес, „Europe House“ отвори архитектонскиот конкурс насловен „Скопје на новата генерација“ преку кој се повикуваат млади архитекти и урбанисти да оставаат свој белег во архитектурата на главниот град.
„Ова не е само конкурс за разубавување на градот туку и повик преку кој ќе се подобри пристапот кон заборавените места на градот. Целта на конкурсот е да се ревитализираат старите и заборавените простори во Скопје и градот да стане поинклузивен и попристапен за сите“, велат од „Europe House“.
Покрај придонесот во архитектурата на градот, за победниците ќе следуваат и парични награди. Најдобриот дизајн ќе добие 1.500 евра, второрангираниот ќе добие 800 евра, а третиот 500 евра. Победниците ќе се избираат од група експерти-претставници од реномираните универзитети во Скопје, како што се Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС), МИТ Универзитетот, Факултетот за општествени науки (ФОН) и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Делата ќе бидат анонимни, а експертите нема да знаат кој е автор на дизајнот, со што секој учесник ќе има иста шанса за победа.
Заинтересираните ќе можат да се пријавуваат од 4 септември 2023 година преку официјалната интернет-страница на „Europe House“, а крајниот рок за учество е 22 октомври 2023 година. Доколку некој од заинтересираните за конкурсот има прашања, ќе има можност да ги постави до 18 септември 2023 година, а сите одговори јавно ќе бидат објавени на 25 септември 2023 година.
Главниот настан и церемонијата на прогласување на победниците и изложбата на делата ќе се одржи на 13 ноември 2023 година.
„Доколку сакате да бидете дел од иднината и да придонесете за Скопје да стане подобро место за живеење, еве ја вашата можност. Ајде заедно да го направиме Скопје поубаво место за живеење и да оставиме добри дела на генерациите кои доаѓаат по нас“, додаваат од „Europe House“.