Скопје повторно во топ 5 најзагадени градови во светот – синоќа регистрирани 600 ПМ-10 честички

Скопје повторно се најде на неславната листа на интернет-страницата AirVisual, која ги рангира градовите со најзагаден воздух во светот. Денеска на пладне, главниот град на Македонија беше на четвртото место во светот според аерозагадувањето, зад Приштина во Косово, Лахоре во Пакистан и Ханџу во Кина.

Рангирањето доаѓа откако вчера мерните станици за квалитет на воздухот измерија огромно загадување на сите мерни станици во Скопје, од 4 до 12 пати над дозволениот максимум. Највисоките концентрации се забележани синоќа во 20 и 21 часот на мерните станици „Лисиче“ – 600 и „Ректорат“ – 530 микрограми на метар кубен ПМ-10 честички.

Покрај Скопје, огромно загадување од 5 до 10 пати над максимално дозволениот лимит бил регистриран и на мерните станици во останатите градови низ Македонија. Највисоките пикови биле во Струмица (500), Битола (360), Гостивар (330), Кавадарци (300), Велес (245) и Тетово (240).

Загадувањето низ Европа во последните 12 часа според платформата на Европската комисија

Од Министерството за животна средина прогласија дека во Струмица е надминат прагот на алармирање на ПМ-10 честички, што по автоматизам треба да ги покрене вонредните мерки и препораки на Владата и Општина Струмица.

Денеска од Министерството информираа и дека Струмица и Гостивар добиваат мерни станици за квалитетот на воздухот, откако во овие два града се преместени станиците за мониторинг кои досега се наоѓаа во Мршевци и во Велес („Велес 1“).

„Дислокацијата на станиците е извршена поради промената со состојбата на квалитетот на воздухот во општините Велес и Илинден како и затворањето на големите индустриски капацитети во овие општини, кои придонесуваа во загадувањето на воздухот во истите. Дополнително, врз основа на анализата на резултатите од извршените мерења во овие општини, се покажа дека доволно е по една мониторинг станица за одредување и оценка на квалитетот на амбиентниот воздух“, соопштија од Министерството.

Властите информираа и дека на средбите на ресорните министерства и Град Скопје договориле еколошките налепници, што треба да ги добијат автомобилите во Скопје, да се уредат со измени на Законот за животна средина. Налепниците кои ќе се однесуваат на движењето на возилата во периодите на високо загадување се една од мерките за справување со проблемот.

Со законот ќе биде уредено и тоа како ќе се категоризираат возилата, односно возилото во станиците за технички преглед зависно од тоа кој ЕУРО стандард го исполнува ќе добие еколошка налепница со црвена, портокалова или зелена боја.