Скопје се сеќава.. А Скопје да се опамети?

534368_3329227225150_1486206238_nГрадот убав, пак ќе никнел. Така велат Скопјаните. Така сакаат да мислат, да се надеваат, да евоцираат спомени од минатото и да ја замислуваат иднината, додека пред нивните очи, во Градот се испишува нов генетски код. Помеѓу Скопјаните, многу е популарен „у мое време“ муабетот. А време има доволно. Очигледно, има и Скопје доволно  за сите. Градот има прегратка доволно широко да собира и собира дур не пукне. А знае да пукне, од време на време. Да истури по некоја поплава, пожар или земјотрес. Да се исплаче, да добие по некое бело влакно, или пак да го стресе нервен слом.

Но, сѐ тоа само кажува дека Градот има душа. Дека не му е сеедно. Трпи и ќути и не сака да се расправа. Се преправа дека спие кога си доаѓаме дома пијани. Веќе одамна се има откажано од пристоен подарок за роденден. Гледа да има дом за сите и молчаливо ги слуша нашите приказни.

А ние имаме многу приказни. Долги години ги пишуваме и прераскажуваме. Никогаш рамнодушно, а секогаш со доза на драматичност и преголема емотивност. Си глумиме, ние Скопјаните. Си сакаме да отидеме во театар, но драмата што ја креираме во лобито е секогаш поважна од онаа што се случува на штиците што живот значат.

А веќе не одам на театар. Ретко, понекогаш, да ги испочитувам младите таленти кои сѐ уште имаат жар за глума. Постарите се откажаа. Шиткачи.  У времето на мама и тато имало и кабаре и џез оркестар и сценска импровизација.

#Умоевреме поинаку беше. Скопје знае, се сеќава кога театарот беше магија, кога отвараше порта кон некоја друга димензија, а ја, копиљ, занемена од изненадување, преплавена од пренесените емоции на актерите. Аплауз. Завеса. Утре пак.

А кога сме кај глумците, #умоевреме имаше и „Глумците пеат“. Една од најубавите културни манифестации. Скопје се сеќава како пееја тие. Пееја сите – и тие што знаеја и тие што не знаеја да пеат. А публиката, не штедеше на аплаузи, се ценеше секоја фалш нота и секоја капка пот. Расфрлање со бисови и басови и во очекување Марин Бабиќ да ни го честита Светсткиот ден на театарот. 27ми март, за неупатените.

Скопје се сеќава кога секоја среда имаше 50% попуст на кино билетите. Секоја среда бев во кино. Еднаш по грешка отидов на некој француски филм. Генијален беше. Се сеќава и на премиерата на „Титаник“. Хаос во кино, немаше карти колку што имаше луѓе. Јас и Елена седевме на едно столче. А Кејт не можеше да му направи место на Џек на тоа импровизираното сплавче на кое си лежеше. Кучка.

Скопје се сеќава и на една многу јака андерграунд сцена. Најјака, ако ме прашуваш мене. А јас искрено, поима немам дали беше најјака, знам само дека секој викенд со екипата одевме на свирка во МКЦ. Не беше важно кој свири, ние несебично дававме поддршка и пиевме пиво.

Скопје го памети и клуб „Кастро“. Мал и сладок надомест за МКЦ. Прерано си замина.

Скопје се сеќава на многу комшики што истураа вода од прозор за да се разбегаат немирните деца од пред зграда. Се сеќава како истите тие деца тестираа вокални способности и се довикуваа од терасите. Домофон е без врска, а знае и да се расипе, што е сигурно, сигурно е.

Скопје веројатно знае точно кој ми го украде точакот. И другиот точак после него. Знае и не кажува, не е Скопјенце издајца.

Се сеќава овој Град и кога новогодишната елка беше во средина на кружниот тревник на плошатдот. Во тој тревник луѓето запалија свеќи за Тоше. Памети Скопје и еден скејт парк. Таму Каролина, мома битолска, снимаше спот со скејтери и блејдери. А кога сме кај Каролина, Скопје ја памети и серијата билборди, „Каролина те сакам – Гроздан“.

Си памети Скопје и љубов и романтика. Чекање на Фреш и Рекорд. Седење во парк, седење на Форум. Љубов во стариот дел на паркот и на средно Водно. Високи штикли и црни чорапи. Изгор лето и кочан зима.

Скопје се сеќава на Корзо и игранки. Јас не се сеќавам, не беа #умоевреме. Јас се сеќавам на зачадени скопски кафичи кои работеа до сабајле. Журка за сите, секогаш и секаде. Златна ера. Се сеќавам на џуниор дискотеки. Денешните џуниори премногу очајно се борат да бидат сениори. Можда и ние бевме такви, којзнае. Уствари, Скопје знае…

Скопје се сеќава на сѐ. На Јустинијан, Душан, Пиколомини.  На Турци, Срби, Бугари. Тито, Киро, Борис, Бранко. На пожари, земјотреси и поплави. На Знамето, Името и Коцката на плоштад. Спомени се испишани во секоја пукнатина, графити по ѕидови, на кејот на Вардар, имиња врежани во клупи, дебели костенови сенки, искршени мермени плочки, ишкратни лифтови на стари згради. Ѕидовите ќе ги офарбаат, дрвата ќе ги исечат – тоа е сега во мода. Сегашните генерации го ресоздаваат Скопје за идните. Обновувањето, ресоздавањето е нормално. Но што кога фетусот е зачнат со силување? Што кога Сексот ќе стане поважен од Градот? Што кога некој ќе ти се насели во домот, ќе ти го преземе и после ќе те избрка од него? Скопје има сила целиот тој товар да го носи на својот грб.

Но Градот не може сам. Градот веќе не може да дише. На Скопје му требаат Скопјаните. Истите тие на кој тој несебично им ја даваше својата љубов и отстапуваше својот простор. На Скопје му требаат и Битолчаните и Кавадарчаните кои го чувствуваат Скопје како свое, и Дромците и Центарците и Водно и Радишани и оние што пијат пиво и оние што пијат виски.

Скопје се сеќава, но Скопјаниве како да забораваат. Скопје бара од нас да изградиме солидарност од внатре, да го земеме неговиот товар на свој грб. Градов има уште многу да даде, и несебично дава, но дојде време Градот да се опамети. Доколку наскоро не оформиме цврст одбранбрен фронт, ние заслужуваме овој Град да биде себичен и суров.

Скопје не смее да нѐ памети како негови убијци, како Скопјаните што немо го сведочеа силувањето, Скопјаните што седеа на кафе дур се напаѓаа градските бели дробови, Скопјаните на кои им е сеедно за Скопје.

За нашиот ДОМ се работи.. А каде ќе живееме, кога ќе немаме Град?

Убаво е Скопје да се сеќава… Но, кога ли ќе се опамети?

Солза Тановска