Мерната станица во Гази Баба годинава не покажувала податоци вкупно 112 денови, додека во Лисиче немало информации 60 денови.
Од иницијативата Скопје смог аларм сметаат дека нефункционалните мерни станици за загадување со ПМ10 честички ја оневозможуваат Владата да ги активира интервентните мерки против аерозагадувањето. Тие беа донесени со Уредба на работната група во владата која се одржа лани во декември.
„Согласно уредбата, доколку среднодневната концентрација на ПМ10 честички е над 200 мг/м3 во два последователни денови во најмалку две мерни станици во Скопје, тогаш стапуваат на сила мерки од типот ослободување од работни обврски на бремени жени, постари лица, лица со хронични заболувања, потоа воведување на бесплатен јавен превоз, дневно чистење на улиците, зачестени инспекции, посебен сообраќаен режим итн“, велат од иницијативата.
Фактот што мерните станици за ПМ честички во Лисиче и Гази Баба се нефункционални во екот на загадувањето, укажува на несериозен пристап кон проблемот од страна на надлежните, сметаат од Скопје смог аларм.
„Исто така сметаме дека итните мерки треба да се активираат доколку среднодневното загадување надмине 100 мг/м3 во два последователни денови, што веќе е случај со мерните станици во Карпош, Ректорат (УКИМ) и Центар“, стои во нивната реакција.