Скопје танцовиот театар, кој е единствената современа танцова компанија во Македонија и кој во април 2018 година ќе наполни седум години од своето постоење, на девeтти и десeтти февруари ќе настапи во Хаг, Холандија на престижниот Holland Dance Festival.
Овој фестивал има традиција на одржување повеќе од триесет години и важи за фестивал кој ги презентира најдобрите европски и светски танцови компании.
Скопје танцовиот театар ќе настапи во Корзо театарот, кој во Хаг, градот на танцот, е препознатлив по својот авантуристички предзнак, откривање и поддржување на млади таленти, нови авант-гардни продукции. Корзо театарот е една од најголемите продукциски куќи во Холандија, култно место во кое се претставуваат најдобри, најсовремени, нови, иновативни продукции.
Holland Dance Festival годинава, во својата програма сврстува извонредни танцови компании и исклучителни кореографски имиња, како Матц Ек, Јиржи Килијан, Ана Лагуна, Балет Биариц, легендарната Марта Греам компанија од Њујорк, Како и „Пиксел“ на Мурад Мерзуки, претстава која публиката на Танц Фест имаше прилика да ја види во Скопје.
„Скопје танцовиот театар ќе се претстави со претставата „КОЖА“, со три кратки кореографии, „Котел“ на Рсиима Рисимкин, музика на Тони Китановски, „Погрешно“ на Адријана Данчевска на музика на групата „Верка“и „Истиот извор“ на Матеа Киселичка на музика на Тони Китановски и Бајрон Меткалф. Костимите за претставата се на Благој Мицевски.
Во претставата учествуваат Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова, Сара Цветковска, Бобан Русески и тереза Лазарев“, информираат од танцовиот театар.
Основан во 2011 година,Скопје танцов театар е првата компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор.
„Компанијата работи на создавање, промоција и презентација на современата танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц“, велат оттаму.
Скопје танцовиот театар има повеќе целовечерни продукции зад себе: „Меѓусвет“; „Орландо“; „Човек во ходникот“;„ХОТ“; „Потрага“, серијата представи под име „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело), „СМС (сите мои слики), „Блесок“; „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, како и повеќе кратки кореографии.
Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на короеграфите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури од Њујорк, САД; Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент од Холандија; Катцура Кан од Јапонија; Антон Рудаков од Германија; Антонело Тудиско од Италија; а учествуваат и голем број професори-гости од странство.
Компанијата негува и развој на млади кореографи, па така на сцената на Скопје танцовиот театар свое деби, како млади кореографи имаа: Матеа Киселичка, Љупчо Атанасов, Адријана Атанасова, Дора Кокољ, Адријана Данчевска, Валентино Апостоловски, Андријана Андреева, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска и Дејан Битровски...
Скопје танцовиот театар има ос
Скопје танцовиот театар во моментов има единаесет танчери, кои го претставуваат јадрото на млади современи танчери, создадени во Македонија. Тие имаат редовни настапи во Скопје, низ републикава и во странство.