„Skopje Tattoo Show“ – втора интернационална конвенција за тетовирање на 12 и 13 октомври

На 12 и 13 октомври, Скопје ќе биде домаќин на втората интернационална конвенција за тетовирање „Skopje Tattoo Show“ која ќе се одржи во „Skopje Event Center“.

Организаторите велат дека настанот ќе биде место каде што ќе се слави различноста, креативноста и уметничкото изразување преку тетовирањето – форма на уметност која има долга историја и различни културни значења низ светот.

„Од традиционалните тетоважи до авангардните и модерни стилови, овој настан ќе понуди по нешто за сите љубители на визуелната уметност и оние кои го препознаваат значењето на телото како платно за креативно изразување. Настанот ќе ги обедини некои од најдобрите тату артисти од регионот и пошироко, претворајќи го градот во вистинска уметничка галерија“, посочуваат тие.

На овогодишната интернационална тату конвенција се најавени повеќе од 50 познати домашни и странски тату артисти. Посетителите, како што е посочено, ќе можат да видат како работат овие мајстори и доколку имаат желба, ќе можат и да се тетовираат. Истовремено, тие ќе бидат и сведоци на традиционални и современи тетоважи, разновидост на стилови и техники како изгледа тетовирањето.

„’Skopje Tattoo Show 2024’ ќе им понуди на посетителите и единствена можност да бидат сведоци на живи перформанси на некои од најдобрите тату артисти од светската сцена, кои ќе ги демонстрираат своите вештини и креативни способности пред публиката. Освен тетовирањето, програмата ќе биде збогатена и со одржување на работилници, семинари, воркшопови, панел дискусии и демонстрации во живо, кои ќе овозможат интеракција помеѓу публиката и уметниците“, истакнуваат организаторите.

Настанот е од компетитивен карактер, а двата дена ќе бидат исполнети со натпревари и на самиот крај од деновите ќе се доделат награди за најдобрите тетоважи во повеќе различни категории.

Покрај тетовирање, на конвенцијата ќе има и музички настапи на THCF, Fire Show, Sarah Mace, Mario Arsov, Oky Doky, Soul Case, Bazel, Mongo & Omaru, Vaso, Chvare, Shorty P, Flooder и Pole People.