Главниот град на Македонија денеска повторно влезе во трката за најзагаден град во светот. Според платформата за мерење на загаденост на воздухот „Ај-кју ер“, во 10 часот и 54 минути утрово имаше индекс од 183, па само градови како Лахор, Делхи, Сараево, Дака, Ханои, Вухан и Чонгкинг беа пред Скопје.
Со тоа, Скопје беше влезен во категоријата „нездрав воздух“, односно означен со црвена боја.
Пред неколку денови на последниот протест против аерозагадувањето повторно беше алармирано конечно државата да почне мерки, а не да го оддолжува решавањето на овој акутен проблем.
Досега здружените еколошки иницијативи и организации побараа од Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините. Исто така, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат.
Понатаму, меѓу другото, бараат и целосна забрана за увоз на отпад во Македонија освен отпадно железо и челик, намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили, забрана на увоз на стари возила, итна набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје, измени во законите за градење, за урбано зеленило и за енергетска ефикасност.