Жителите на Скопје се разбудија во град исполнет со смог, а страниците кои информираат за аерозагадувањето покажуваат високи концентрации на штетните ПМ-10 суспендирани честички.
Според сајтот IQAir, Скопје утрово во 9 часот беше на седмото место помеѓу големите градови од светот според аерозагадувањето. Со индекс од 162 главниот град се најде во друштво на градови како Мумбај и Калкута во Индија, Кувајт, Карачи во Пакистан или пак Ташкент во Узбекистан.
Според официјалната страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), највисоко загадување во 9 часот било регистрирано на мерната станица Лисиче (131 ПМ-10), Гази Баба и Центар (113) и Карпош (110).
На сајтот pulse.eco, пак, просечното аерозагадување со ПМ-10 честички во 9 и пол часот утринава во градот изнесува 97 микрограми на метар кубен.
Скопје сепак не е најзагадениот град во Македонија утрово туку Струмица, каде во 9 часот според официјалните мерни станици на МЖСПП биле регистрирани 188 ПМ-10 честички, по што следува Берово со 178. Прилеп, Тетово, Битола и Охрид, Велес и Кавадарци исто така утрово имаат повисоко аерозагадување од максимално дозволената граница од 50 ПМ-10 честички.
Според страницата Waqi.info, при мерењето на уште поситните ПМ-2,5 честички аерозагадувањето во Струмица и Кавадарци е означено со најлошата квалификација „опасно“, во Тетово и Кочани е означено како „многу нездраво“, додека во Скопје на повеќе точки е обележан како „многу нездраво“ или „нездраво“.
Во Струмица минатата недела стапија на сила препораките и мерките за заштита на населението поради високото загадување на воздухот.